11 години од „Диво насеље“ – Куманово сè уште се сеќава на дводневниот ужас и осумтемина загинати бранители

Денеска се навршуваат 11 години од оружената престрелка во кумановската населба „Диво насеље“, еден од најтрагичните безбедносни настани во поновата македонска историја.

На 9 и 10 мај 2015 година, во 28-часовните судири животот го загубија осум припадници на безбедносните сили – Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ. Сите тие посмртно беа одликувани со медали за храброст.

Во престрелките беа повредени и 37 припадници на безбедносните сили.

Куманово тие денови живееше во страв и неизвесност. Во густо населената населба „Тоде Мендол“, позната како „Диво насеље“, два дена одекнуваа престрелки со различен интензитет, додека над градот летаа хеликоптери, а населбата беше целосно блокирана од безбедносните сили.

Голем дел од жителите беа евакуирани, а сликите од вооружените судири и уништените куќи останаа длабоко врежани во колективната меморија на кумановци.

Граѓаните и денес порачуваат никогаш да не се повтори „Диво насеље“, трагедија која остави трајна болка кај семејствата на загинатите, но и кај целата јавност.

Настанот се случи во период на длабока политичка криза во земјата, само неколку месеци по објавувањето на т.н. „бомби“ од тогашната опозиција предводена од Зоран Заев. Тогашната опозиција тврдеше дека нападот бил обид за дефокусирање на јавноста, додека владата на ВМРО-ДПМНЕ обвинуваше дека вооружената група од Косово имала цел да ја дестабилизира државата.