100.000 вакцини против сезонски грип од идната година бесплатни за пензионери со мали и просечни пензии

Државата планира да набави 100.000 вакцини против сезонски грип за идната година. Ќе бидат бесплатни за пензионери со мали и просечни пензии како и за постари лица кои немаат приходи.

Оваа информација која пред неколку дена на социјалните мрежи ја сподели Државниот секретар во Министерството за здравство усвоена е на вчерашната владина седница. За овој проект би се потрошиле 400.000 евра.

Но, од друга страна секоја година во Македонија против прип се вакцинираат само околу 28.000 лица. Имало и сезони кога не биле потрошени сите дози.

Од министерството денеска во писмениот одговор велат дека почнале со активности за набавка на вакцини, но не прецизираа дали се 100.000 дози или пак можеби и повеќе.

- Проценките се прават врз основа на податоци за лица пензионери од Фондот за пензиско осигурување, како и дополнителни податоци за лица кои не се приматели на пензија, а во исто време имајќи во предвид дека за прв пат се спроведува оваа активност и не може со сигурност да се претпостави одзивот и интересот на населението. Дефинитивната количина на вакцини за грип која ќе се набави следната година ќе ја дефинира Комисијата за заразни  болести, стои во одговорот од МЗ.

Инаку исто така по препорака на СЗО и во 2009 имаше бесплатни вакцини против тогашната закана од свински грип.

Колку за споредба во 2009 година беа набавени 80.000 вакцини против свински грип. За што беа потрошени половина милион евра. Беа истористени само 5000 дози. После две години кога им помина рокот останатите 75.000 завршија во печките во Дрисла.