1000 преведени книги од сите области – проектот се надградува

Од низата мерки и реформи спроведени во интерес на студентите и целокупната академска заедница, од исклучително значење е заокружувањето на проектот за „Превод на 1000 стручни, научни книги и учебници од кои се учи на врвните, најдобрите и најреномираните универзитети во САД и Англија, а од областа на правото во Франција и Германија“.

Проектот кој започна да се спроведува во 2009 година од страна на Владата преку Министерството за образование и наука, а по препорака на универзитетските професори и на барање на студентите, пред неколку месеци беше заокружен со преведувањето на првично предвидените 1000 дела од сите научни области и истиот продолжува да се надградува со нови 200 наслови кои се избор на младите читатели и искусните научници од високо образовните институции.

Реализацијата на проктот произлегува од потребата за содавање на нови извори за надградување и следење на најновите научни достигнувања на глобално ниво и оттаму позитивните импликации се повеќе димензионални.

Ваквото осовременување на книжевниот фонд на мајчин јазик нуди можност за зголемување на знаењето за сегашните но и идните генeрации, го потикнува развојот на науката и научната мисла и долгорочно значително го унапредува човековиот ресурс кој е клучен фактор за развојот на македонската економија, истакна заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски на промоцијата со која се одбележа заокружување на проектот за првично предвидените 1000 книги.

-Со реализацијата на овој благороден проект со кој радикално се осовременува книжевниот фонд, како и со многуте други мерки и активности кои ги спроведуваме во рамки на сеопфатната стратегија за креирање на современ и конкурентен високо образовен систем, значително го зголемуваме бројот на врвни информатичари, инженери, правници и економисти, агрономи, доктори, фармацевти и стоматолози и други високо квалификувани, квалитетни кадри кои, сигурен сум дека можат да го мерат своето знаење со колегите во врвните светски универзитети и се нивна силна конкуренција, изјави Ристовски.

Тој нагласи  дека литературата е бесплатно достапна во сите градски, факултетски и универзитетски библиотеки, во специјализираната читална „1000 Книги“ во Градскиот трговски центар која што функцонира речеси 6 години и по чиј пример ќе бидат отворени и во Аеродром, Струмица, Струга и Гевгелија, а веќе во напредна фаза е уредувањето на просторот во Велес и Прилеп.

Според студентите проектот за превод на светски познатите дела, како и нивно користење без да се изложуваат на трошоци, наоѓа соодветна примена кај сите студенти во текот на студирањето и посетеноста на читалните континуирано се зголемува.

-Литературата која што ми беше неопходна по одредени предмети за на факултет, од неодамна на македонски јазик е достапна токму тука, додека претходните генерации материјата морале да ја изучуваат на српско-хрватски или евентуално на англиски јазик, вели еден од студентите при посетата на специјализираната читална „1000 Книги“ во ГТЦ, додајавќи дека често се забележува и размена на бизнис и иновативни идеи од самите читатели кои се иницирани од користењето на делата.