Нови шокирачки објави на пазарот на недвижнини во Скопје.
Стан од 43 квадрати, лоциран кај „Рампа“ во Кисела Вода, во нова зграда, се продава по цена од 100.000 евра. Стан во Аеродром од 20 квадрати, се продава по цена од 51.000 евра!

Дали цените се реални, или сепак условени од локацијата во строг центар на градот и побарувачката? Несомнено, се разви широка дебата на социјалните мрежи - дали сите сакаат да живеат во Скопје, па макар и „да се теснат“ во мало станче?
- Што се 43 квадрати?! Во 43 квадрати не можеш да растеш деца, да формираш семејство. 100000 евра се пари. Легално, не можеш да ги заработиш додека си млад. Останува кредит. Станбен, ќе го земеш и ќе го враќаш до пензија. Ќе се колнеш 100 пати додека го вратиш. За што? За да имаш стан од 43 квадрати на рампа. За да пцуеш додека бараш паркинг, да станеш дел од урбаната џунгла и да голташ смог, ПМ10 и прашина, пишува скопјанец.
На неговата објава се надоврзаа низа коментари.
- Додека народот купува, цените ќе бидат такви какви што се.
- За 100 000 евра купуваш земја и градиш голема куќа. Нема да биде во Кисела Вода, ама нема да биде ни 43 квадрата
- 100.000 евра за 43 м² – дали сè уште сметате дека Македонецот е за жалење и дека тешко врзува крај со крај? Секој продолжен викенд е во Грција или на некоја подалечна дестинација. На Македонецот му се скапи цените само кога ќе отиде на пазар да купи храна, а не знае како се произведува.
- За тие пари три монтажни по сто квадрата... нека купуваат пак гипс картон 45 квадрата за толку пари.
- Луѓето сакаат во Скопје да живеат, близу Рампа, не во Пехчево. За тие пари во Пехчево 3 куќи ќе купат.
- Ама што се буните? За секоја цена има купец, така да кој колку сака ќе си продава имот. Штом е толку висока цената, или не му е за продавање, или ние немаме пари. На тој што му е потребно, и пола миљон да е цената, ќе си купи, без да се жали така да, не ве разбирам зашто толку гнев према скопските бизнисмени.
Во првиот квартал годинава становите во Скопје поскапеле за 16,7 проценти на годишно ниво, а за 0,1 процент на квартално, покажува индексот на цени на недвижности што го објавува Народната банка, врз основа на податоци кои се однесуваат на огласени станови за продажба на територијата на главниот град.