10% од фирмите се без вработени

Од 75.914 активни фирми во Македонија, 7.565 немале вработени иако остварувале годишен промет. Најголемиот број фирми без ниту еден вработен се мали фирми, но има и големи компании, кои, и покрај тоа што немаат вработени, остваруваат големи приходи и профити. Станува збор за фирми со нула вработени, создадени само од управител, кој, според категоризацијата на Државниот завод за статистика, не се смета за вработен, пишува Нова Македонија.
Во Законот за трговски друштва и другите закони што го регулираат работењето на фирмите во Македонија не постои обврска колку и дали мора да има вработени во компаниите. Ова значи дека законите во Македонија дозволуваат во која било дејност да се регистрира фирма со нула вработени, при што фирмата треба да има само управител.
Тоа, според економскиот аналитичар Здравко Савески, значи дури 10 отсто од фирмите се фактички непостојни. Проблемот, како што вели, е во тоа што нивните управители не можат да ги затворат, поради комплицираната процедура што државата ја наложува во таквите случаи.