10 најплатени професии во Македонија

Највисоки плати во Македонија земаат вработените во воздухопловниот транспорт покажува последната статистика која ја објави Државниот завод за статистика. Со просечна нето плата од 52.756 денари или нешто повеќе од 850 евра, воздухопловците се најплатените кадри во земјава.

На второ место на листата на најплатени професии во Македонија се програмерите кои според статистичарите во март земале просечна плата од 49.074 денари.

Трета најплатена професија во земјава имаат фармацевтите. Просечната исплатена нето плата во секторот производство на фармавецевтски производи во март достигнала 45.107 денари.

Во топ пет сектори каде што вработените земаат највисоки плати се финансиските и услужните дејности со просечна исплатена месечна плата во март од 44.577 денари и телекомуникациите со просечна плата од 44.256 денари.

Над 500 евра просечна месечна плата земаат уште и вработените во енергетските компании со што просечната нето плата во секторот складирање на електрична енергија, гас и пареа во март изнесува 36.429 денари, потоа следат правниците и сметководителите со просечна плата од 36.049 денари, па секторот складирање и помошни дејности во превозот со 35.990 денари.

Вработените во маркетинг агенциите во март земале просечна плата од 35.961 денари.

Листата на топ 10 најплатени професии во Македонија ја заокружуваат вработените во осигурителните компании и приватните пензиски фондови со просечна исплатена нето плата во март од 35.325 денари.