Зошто сакам да бидам сама?

Сакам да бидам сама затоа што кога сум сама, не морам да ги слушам другите како омаловажуваат некои трети луѓе. 

Кога сум сама, не ги слушам како се воздигнуваат себеси додека се обидуваат на другите да им ја одземат вредноста. 

Кога сум сама, не гледам како со погледот убиваат луѓе и ме повредуваат во процесот.

Не ги слушам нивните бесмислени приказни во кои никогаш ништо не се цени. 

Не ја чувствувам нивната омраза и замерки кон другите. 

Не ги слушам ниту невистините кои толку лесно ги прифаќаат и пренесуваат само за да купат љубов и луѓе.

Не ги слушам ниту грубите зборови кои ги употребуваат кон нивните блиски, ниту оние упатени кон луѓе кои не ги ни познаваат.

Не ја чувствувам ни болката кога слушам како ги навредуваат сопствените деца и Бог. 

Сакам да бидам сама, затоа што кога сум сама, читам прекрасни книги. Кога сум сама гледам во прекрасни дрва и жолтите лисја кои паѓаат. Ги бројам ѕвездите иако се бесконечни, но јас уживам во тоа. 

Сакам да бидам сама, затоа што тогаш се топам во ливадите преполни со цвеќе. Разговарам со пчелите кои наоколу летаат и така грижливо собираат храна.

Сакам да бидам сама, затоа што кога сум сама, гледам во небото, ги впивам сончевите зраци и му се заблагодарувам затоа што ме грее и топли. 

Кога сум сама, можам да разговарам и со Месечината и да бидам едно со неа. 

Сакам да бидам сама, затоа што тогаш лежам на тревата и чувствувам како нежно ме милува без да зборува. 

Кога сум сама слушам како природата пее заедно со бавниот ветар кој како да ми шепоти и открива тајни.

Кога сум сама нема омраза. 

Тогаш сакам и постојам... Во тишина. 

И затоа сакам да бидам сама.