Зошто никогаш не треба да го чекате „вистинскиот“ момент?

Постојано го чекате вистинскиот момент за да направите нешто, да се впуштите во нови предизвици и да излезете од рутината? Го чекате вистинскио момент да изразите чувства, да делите повеќе време со другите и да остварите некои цели? Немојте да чекате!

Вистинскиот момент може да биде секој момент, не постои одреден и јасно зацртан момент во кој нашето делување ќе предизвика најдобар учинок. Зошто тогаш и натаму ги сместуваме сите важни одлуки и промени во кутијата наречена: „Во некое подобро време“?

Дали навистина мислите дека коцките ќе се поклопат сами од себе, без најмало делување во посакуваната насока? Дека одеднаш патот ќе ви се расчисти, а вие баш во тој момент ќе блеснете најсилно, без никаков труд и напор? Не би рекла. Доколку секојдневно не ја менувате својата рутина, не правите нешто ново и не се трудите да работите на себе за да ја остварите својата цел, успехот и среќата нема да дојдат преку ноќ. Сѐ што имаме е овој момент и затоа е многу важно целосно да го искористиме.

И кога сте уморни, слаби, исцрпени и незадоволни, преполни со чувства и недоумици, морате да делувате со мали чекори.  Треба секој ден да се движите, макар и минимално, во посакуваниот правец. Отворајте си нови можности и патишта за еден ден да дојдете онаму каде што сакате да стигнете. Она што стои зад успехот и среќата се години труд, обидувања, пронаоѓања и алтернативни решенија, односно храбро чекорење напред и по неуспесите. Личностите кои го постигнале она што го сакале, не го постигнале со стоење во место, чекајќи работите да им паднат од небо. Кога се даваш себеси на животот и на другите, кога го правиш она што го сакаш, животот за возврат ти дава нови врати, можности за развој и напредок во сите полиња. Не се трошете себеси, затоа што вие сте единственото нешто што го имате. И вие сте личноста на која треба да ѝ се восхитувате, сакате, храбрите, а потоа таа љубов да ја пренесете на другите.

Научени сте да ги одложувате обврските и ситните желби, затоа што ни е кажано дека може да се чека. Но, никој вистински не знае колку време има на овој свет и што повеќе одложувате, толку потешко ќе се справувате со предизвиците.

Внимавајте што правите и мотивирајте се себеси секогаш да давате повеќе, затоа што само така ќе се зацврстите и ќе ги подобрите своите способности. Немојте да чекате, почнете денес, работете на себе и на своите соништа како да не постои утре и создадете си полесен и подобар пат кон остварување на тие соништа.