Зошто не можам да го поднесам модерното додворување?

Додека бев во врска, постојано ги слушав луѓето како се жалат за својот самечки живот. Приказни од моите пријатели, статии на Интернет, дури и на телевизија го гледав тоа по сериите. Тоа беше насекаде. Но, се додека не го почувствував тоа на своја кожа, не сфаќав зошто сите се жалат.

Се е толку комплицирано. Никој не ве вика на состанок, сите ве викаат онака да се зезате, па откако ќе излезете, можете да ги поминете наредните три дена игнорирајќи се, додека се прашувате што значеше тоа.

Дали бевте во кино? На вечера? Имавте секс во автомобил? Бидете внимателни, вие само сте се зезале. Беше само лабаво, нели? Не знам, баш ме интересира што мисли тој? Дали сексот му значеше нешто? Јас имам едно едноставно решение за сите кои се мачите со овие истоштувачки прашања: Прашајте ја другата личност за тоа што значи вашето. Ооо, чекајте. Не можете. ХАХАХАХАХА. Еве и зошто.

Живееме во свет во кој луѓето се плашат од искрени чувства или барем се плашиме да ги покажеме. Кога некој ви е лут, нема да ви се јави за да зборувате за тоа, туку ќе ви праќа пасивно-агресивни одговори на порака или ќе постира некоја песна или статус кој знаете дека ви е наменет вам.

Ако ви се допаѓа некој, не им кажувате како се чувствувате, туку се однесувате доволно заинтересирано за да ги сфатат сигналите, а недоволно за да почнат да паничат. Не ви се допаѓа тоа? Жал ми е. Се работи за една голема игра и ако не играте по правилата, тогаш вие губите, а ако изгубите тогаш завршувате сами, давејќи се во сопствената несигурност, прашувајќи се што направивте погрешно.

Никако немојте да излезете две вечери по ред. Ако сте пишале први претходниот пат, морате да чекате тој да ви пише прв овој пат. Не пишувајте две пораки една по друга. Не претпоставувајте дека било што е повеќе од лабаво гледање, дури и ако имате секс. Но, не можете ни да зборувате за тоа. Ако се прашувате каде води врската и се решите да го споменете тоа, секој збор мора да ви биде внимателно избран за да изгледате дека сте океј и кул со каков и да е одговор, иако не сте океј.

Се се прави преку пораки. Во денешно време е чудно да се јавите некому само за да разговарате со некого или да се обидете да планирате нешто, па затоа сме приморани нервозно да чекаме на одговор кој можеби никогаш нема да дојде.

Се е пресметано за да изгледа како воопшто да не се размислувало за тоа и тоа е една од најистоштувачките игри кои некогаш сум морала да ги играм. Можев да направам магистерска теза со времето и енергијата кои се потребни за да определам дали дечкото со кого се гледам има чувства за мене.

Ако некој ми се допаѓа, сакам да се гледам со него. Толку е едноставно. Или барем треба да биде. Но, во ова општество во кое моментално живееме, се мора да е комплицирано и скриено. Ако зборувам често со него, јас сум досадна. Ако секогаш сум слободна кога ќе ме викне да излеземе, тогаш немам живот. Ако му требаат три часа за да ми врати на порака, а телефонот ми е во рака кога ќе ми врати, морам да почекам за да не изгледам премногу радосна што ми пишува. И постојано се прашувам зошто ги играм овие глупави игри.

Зошто едноставно не можам да се јавам некому само затоа што ми се допаѓа? Зошто покажувањето грижа ме прави досадна? Ако се налутам затоа што некој ме откачи, тогаш јас сум луда, па затоа другата алтернатива е да им се жалам на другарките и нервозно да седам и да чекам да ми врати на порака.

Е па да ви кажам нешто. Јас не сакам да бидам таква девојка. Не сакам некој да ја има таа моќ над мене. Никој не треба да има таква моќ над никого. Преку глава ми е да живеам во свет во кој апатијата е поефективна за да добиете нечие внимание отколку искреноста. Преку глава ми е од манипулативните игри кои мажите и жените ги играат во обид да имаат контрола во врската која не смееме да ја дефинираме.

Еве ја мојата идеја: Ај да престанеме да се правиме на Тошо. Ај да ги почитуваме луѓето доволно за да им ја кажеме вистината. Ако ве прават среќни, кажете им го тоа. Ако ве инспирираат, кажете им го тоа. Ако не сте заинтересирани, ве молам, ама значи ве молам, кажете им го тоа.

Не ги игнорирајте луѓето додека самите не исчезнат. Време е да пораснеме и да престанеме да ги оставаме луѓето да висат над неодговорени пораки и мистериозни постови на социјалните мрежи. Сите сме луѓе и само се обидуваме да се разбереме еден со друг во овој хаотичен свет, па затоа престанете да ги третирате врските како некој предизвик кој треба да го завршите.

Бидете искрени со другите луѓе во врска со тоа како се чувствувате и немојте да се губите толку во играњето игри па да заборавите да бидете искрени и кон себеси.

air max 90 essential sale