Често можеме да го слушнеме муабетот дека провинцијалците го уништија главниот град. Но, јас само едно знам, знам за мене. И јас сум “провинцијалка”, но барам егзистенција. И да, ништо не ми значи што сега живеам во Скопје, ми значи тоа што можам да имам нормален живот.

Во Источна Македонија сите добро знаеме каква е состојбата. Реткост е да ти работат и двата родитела. Често има семејства каде и никој не работи, па сите се снаоѓаат како знаат и умеат.

Запишав факултет во Скопје и почнав да живеам во студентски дом. Немав тогаш пари за стан. Паралелно учев и студирав. Четитри години живеев во домот. Откако дипломирав почнав со работа. Не таква за која учев. Туку работев во ресторан. Платата не ми беше голема, но многу поголема за разлика од онаа што би ја земала во Берово и покрај тоа што туку сум под кирија. Па почнав да работам и втора работа. Во Берово немаш шанси за една, а не пак за две работи.

И не дека тука ми е многу убаво. Голема е разликата од тука и таму, но тука е егзистенцијата, а таму е воздухот, таму е слободата.

Тука живееш со уште тројца цимери. Секој си брка своја работа. Не ја чувствуваш никогаш топлината на вистинскит дом. Еден доаѓа, друг излегува. Еден спие, друг готви, трет има гости. Таков е цимерскиот живот.

Луѓето често знаат да ги омаловажуваат “провинцијалците”, но сите се дојдени во Скопје со некоја немара, а намерата е егзистенцијата. Верувајте да имам работа во родниот град никогаш нема да се мачам за да седам тука. Дома си е дома. Со најблиските, со семејството. И не само јас, многу има како мене, кои бараат спас, бараат нешто подобро.