Зошто е толку важно и опишувано Кокино

Кокино е прастара мегалитска опсерваторија која се наоѓа во атарот на општината Старо Нагоричане, на оддалеченост од околу 75 километри од Скопје, односно 35 километри од Куманово.

Таа е поставена на врвот "Татиќев камен", а името го добила по блиското истоимено село. До неа води асфалтен пат, а последните 500 метри треба да се пешачи за да се стигне до самата опсерваторија. Таа е поставена на надморска висина од 1 030 метри.

Опсерваторијата е откриена случајно во 2001 год. од страна на бугарски и македонски археолози, а во 2002 год. биле започнати истражувањата од страна на Народниот музеј во Куманово. Таа е датирана во 1800 год. п.н.е., односно раното бронзено време, а се протега на површина од 5 000 квадратни метри.

Мегалитската опсерваторија се наоѓа на неовулкански рид. Карпите се создадени со стврднувањето на лавата, која истекла од вулкански кратер. Времето и ерозијата направиле процепи и дел од тие процепи биле главните маркери низ кои се следеле циклусите на Сонцето и Месечината и се мерело времето.

Седумте камени маркери во минатото ги означувале местата за изгревање на Сонцето и Месечината во периодите на кусодневица, рамнодневица и долгодневица, како и нивните отклони. Сонцето, всушност, само на рамнодневиците - на 21 март и на 21 септември - изгрева точно на исток и заоѓа точно на запад. Потоа, постепено има отклонување кое изнесува до 45 степени.

Местата на изгревање кои се опфаќаат со природните маркери на мегалитните стени во Кокино укажуваат дека изгревањата на исто место на Сонцето се повторуваат на 18,6 години. Веројатно некои членови на племенската заедница имале задача секојдневно да ги следат движењата на небесните тела и да прават календари за одредување на деновите за ритуалните обреди, како и за започнување на сезонските работи во земјоделството и сточарството. Опсерваторијата е сместена на две скалести платформи од кои се следеле планетите. На горната платформа се пронајдени траги од неколку објекти и делови на керамика.

Според наодите на археолозите, на локалитетот Кокино, всушност, немало живеалишта туку дека опсерваторијата воедно била и светилиште, а во процепите на карпите се ставале предмети наменети за нивните божества. На локалитетот има и еден вид престол, каде што, најверојатно, седеле старешините и водачите на племето. При откривањето на локалитетот пронајдени се бројни артефакти (керамички чинии, амфороидни садови, камени секири итн.)

УНЕСКО го одобри проектот на НУ Музеј Куманово за научно афирмирање на локалитетот Кокино, информираа одговорните од установата кои за овој проект аплицираа минатата година преку Националната комисија за соработка со УНЕСКО, која пак е дел од Министерството за култура.

Кокино привлекува меѓу 10.000 и 30.000 посетители годишно, што укажува на неговиот голем потенцијал како туристичка дестинација.

Мегалитната опсерваторија во Кокино се вбројува меѓу највредните стари опсерватории во светот. Заради тоа, во 2005 год. американската вселенска агенција НАСА во листата од 15 вакви опсерватории во светот го рангирала Кокино на четвртото место.

Првите четири опсерватории според НАСА се:

Абу Симбел - Египет

Стоунхенџ - Велика Британија

Ангкор Ват - Камбоџа

Кокино - Република Македонија