Зошто е невозможно да одиш пешки низ Скопје?

За да одиш пешки низ Скопје, и покрај големата желба, понекогаш ти се потребни оние копчиња како на видео игра: „скок“, „скок и пук“ и „летај“. Буквално.

Што ја прави желбата за пешачење речиси невозможна?

1. Веројатноста да најдете тротоар кој не претставува паркинг, т.е. на кој не се наредени коли една позади друга е 0,00000000001. И кај што има столбчиња, ние сме многу снаодлив народ – ќе ги откорнеме, искривиме, легнеме и успешно се паркираме преку нив.

2. Ако си женско – заборави на идејата да тргнеш пешки со штикли. Особено ако ти се драги и си ги платила цело богатство. После прво носење ќе треба да им смениш флекници со сигурност, а 100% ќе ти се заглави штиклата во барем една од многубројните дупки по нашите улици. Ќе пцуеш. Многу.

3. И кога малку ќе се понадевате дека има надеж за нашиот народ, доаѓа моментот да поминете на пешачки. Ако воопшто се познаваат исцртаните линии. Македонските шофери и во 2017-та година, сè уште не знаат за што служи пешачки премин. Нема да ти застанат. Освен што нема да ти застанат, и ако стојат во колона, задолжително стојат врз самиот пешачки, па тука треба да го вклучиш копчето за летање.

Оние што ќе пуштат срце да ти застанат, е тие чекаат да им кажеш фала и да им дадеш аплауз што застанале. Жално, нели?

4. Одење пешки во различни временски услови:

- Кога врне – ти требаат 3 чадори и метален штит за да не те испрскаат или поточно избањаат „совесните“ шофери кои ја погодуваат секоја дупка полна со вода и возат секогаш брзо и блиску до тротоарот.

- Кога има снег – вежбај одржување рамнотежа, стој на раце и слични акробатски фигури. Веројатноста дека ќе биде прооден патот или дека нема да биде мраз по цел пат е многу мала.

- Во лето кога е топло – пак ти треба чадор затоа што сигурно ќе ти капе вода од климите на зградите кај што ќе поминуваш.

5. Верувале или не, само кај нас уште постојат шофери кои ти свиркаат, довикуваат „маче“, „срце“, „чкс“, „женска“... имам можност да проаѓам по пат накај работа покрај една перална за коли – е тука задолжително те частат со комплименти од овој тип.

6. Ако си мајка и треба да излезеш со количка со дете – е тука ти треба копчето „летај“! Кај си тргнала со количка, ќе треба по сред улица да возиш (нели, нема слободни тротоари).

7. Запомнете- автобус НЕ ЗАСТАНУВА НИКОГАШ НА ПЕШАЧКИ! Веројатно овие правила не важат за нив, не знам. Сум пробувала да стојам сред пешачки очи во очи со шоферот на автобусот – за сантиметар ќе ме прегазеше. Или можеби они имаат копче „летај“ .

Ако успееш да поминеш преку сето ова погоре без да ти се расипе денот, спремен си да одиш пешки низ Скопје. Нели има и убава страна:

- не го загадуваш воздухот

- се движиш и е убава физичка активност

- се рассонуваш наутро и си спремен за дневните обврски

- ќе сретнеш по некој пријател или комшија со кој ќе си направиш фин муабет

- ќе си создадеш убава навика и ќе ги истренираш нервите.