Знаеш ли од кои работи се плашам?

Страв ми е дека едно попладне, како денешното или некое друго, посончево, ќе ти здосади начинот на кој ти покажувам љубов. Дека мојата постојана грижа за најбанални работи ќе те измори. Дека ќе почнеш да одговараш на моите пораки само од навика или пристојност. Дека нема да ти се допаѓа бојата на мојот глас. Дека воопшто нема да придадеш важност на тоа дали тој глас е вознемирен, ниту пак ќе се обидеш да го смириш тој глас.

Страв ми е дека твоите очи ќе престанат да ме гледаат со онаа весела љубопитност со која ме гледаа првата ноќ кога се запознавме, додека сѐ уште не го ни знаеше моето име. Страв ми е дека љубопитноста ќе биде заменета со рамнодушност. А рамнодушноста е најтешка за поднесување. Страв ми е дека ќе ти се здосади мојата неодлучност.

Страв ми е дека ќе добиеш вртоглавица затоа што веќе подолго време се вртиме во тој вртлог на рутина, несигурност и стравови. Страв ми е дека повеќе нема да ти бидат симпатични моите слабости и дека ќе почнеш да ги мразиш. Страв ми е дека ќе престанеш да ме гушкаш на семафори. Страв ми е дека ќе престанеш да ми ја бакнуваш раката кога ќе сфатиш дека некоја шега не ми била баш многу смешна. 

Страв ми е дека повеќе нема да сакаш да бидам дел од твоите секојдневни ситници, како смеењето на глупави шеги со твоите пријатели, гледањето натпревари, јадењето на омилениот колач, читањето книга пред спиење. Страв ми е дека нема да го забележиш моето отсуство кога си со други луѓе. Страв ми е дека во некое туѓо друштво ќе ти биде подобро отколку да бидеш со мене, но дека ќе го криеш тоа од страв да не ме повредиш. Страв ми е и од тоа дека ти и не насетуваш дека ми е страв од нешто. Страв ми е и од тоа дека ќе ти годи тоа што сум во друг град и што немаме баш време да се гледаме толку често. Страв ми е дека Италија ќе остане сон. Страв ми е дека ќе отидам во Италија и ќе сфатам дека тоа требало да остане само сон. Страв ми е дека нема да го пратиш мојот чекор додека чекорам низ улиците на Рим опиена од таа убавина. 

Страв ми е дека ќе ги разочарам луѓето кои ме сакаат. Страв ми е дека ќе ги разочарам моите родители, страв ми дека ги немам исполнето нивните скриени очекувања кои ги имале кога сум се родила. Страв ми е дека зад тие цврсти личности се кријат луѓе со исти вакви стравови, но никогаш не ми дозволиле да дознаам дека ги имаат.

Најмногу ми е страв дека повторно ќе поминам низ аксиозна епизода од која едвај извлекувам жива глава. Која ми го црпи секој атом енергија и која ме преплавува и зад себе остава само апатија. Која не можам никому да ја објаснам и која ми носи грижа на совест и која создава чувство дека никогаш ништо нема да се врати во нормала, иако единствената желба ми е работите да се вратат во нормала. 

Страв ми е дека поради тоа ќе ми стане сеедно што повеќе не ме држиш за рака додека седам покрај тебе. Што не гледаш во мојот правец за да видиш дали твојата шега ме насмеала и што повеќе не се трудиш да ја чуеш мојата омилена песна за месецот. Страв ми е дека ќе ми стане сеедно поради тоа што повеќе ги нема твоите пораки за добро утро, што повеќе не се трудиш да ме сфатиш и фактот дека го заборави нашиот датум.

Страв ми е дека ќе почнам да смислувам причини за да не се видиме. И дека на крај, малку по малку, ќе ми стане сеедно за тоа што ми станало сеедно. А тоа би бил крајот. После тоа едноставно нема назад. Страв ми е од тоа што се чувствувам своја само кога ќе ги соберам стравовите.