Знаеш ли кои се твои пријатели?

Никогаш нема да го заборавам моментот кога еден човек кој го сметав за мој другар ми рече дека јас за него сум само „поблиска познаничка“, затоа што не го користел зборот „другар/ка“ толку често. Зборовите „другар/ка“ и „пријател/ка“ за него се свети и тој смета дека многумина погрешно го употребуваат тој збор. Иако бев изненадена и малку повредена, со текот на времето сфатив што сака да каже.

Во право беше тој мој „поблизок познаник“. Тој збор многу погрешно се користи во денешно време. Поради медиумите и социјалните мрежи, овој збор е испревртен, па за многу луѓе велиме дека се наши пријатели, другарки и слично, а реално ние сме вистински среќници ако имаме добри и вистински пријатели колку што имаме прсти на едната рака. Ние не сме ни свесни колку сме среќни во таков случај.

Пријател или другар не е само личност која ја познаваш, човек за кого знаеш што работи, како се вика и како изгледа, со кого е во врска, итн. Не, тоа се само обични факти кои денес многу лесно се дознаваат. Така секој ден можеш да собираш по десетици „пријатели“ и супер, ќе мислиш дека имаш којзнае колку пријатели!

Но...

Можеш ли да наброиш колку луѓе ќе ти излезат во пресрет во кој било дел од денот или ноќта. Можеш ли со леснотија да одговориш на прашањето: „Кој ти е најдобар пријател?“ И зошто баш таа личност ја заслужила таа титула? Или можеби имаш повеќе? Дали познаваш повеќе од една личност која те видела во сите можни состојби? Дали познаваш личност пред која не ти е срам за ништо и пред која можеш да бидеш тоа што си?

Сега набрзина ќе одговориш потврдно на сите прашања, но ќе те копка како што те копкаше онаа ноќ кога не можеше да спиеш, а немаше кому да се јавиш. Ако помислиш „Нема сега да им ѕвонам, не сакам да ги замарам, си имаат и свои грижи“, тоа е многу убаво од тебе... но, дали другите помислуваат за тебе пред да ти ги натоварат своите проблеми?

Колку пати те оптовариле со своите проблеми луѓе кои и не ви се толку блиски? И да, понекогаш ти е мака да ги слушаш, но сепак го правиш тоа, затоа што знаеш дека немаат кому да се обратат. И тогаш сфаќаш дека и ти, барем понекогаш, го правиш истото. Затоа што немаш никој, односно имаш многу „пријатели“ кои не ти се вистински пријатели. Не велам дека тоа се лоши луѓе или односи, но, во тој однос ја нема таа длабочина која би требала да оди рака под рака со зборот „пријател“.

Не е лесно да се биде пријател и тој однос си бара труд и љубов. Како и љубовните врски, така и пријателството не можеш да го форсираш, едноставно морате да си кликнете еден со друг без оглед на годините, полот или уверувањата. Спријателувањето е работа на еден момент и начинот на кој ја гледаш личноста.

Велат дека пријателите се семејство кое сам го избираш. И имаат право. Пријателот или пријателката е сѐ во едно. Личност која ја сакаш, која те смее и растажува. Личност за која се грижиш, личност која може да ти го крене притисокот за една секунда, но за која и пред автомобил би скокнал за да ја спасиш. Пријателството е љубов исто како и семејството. На тие луѓе им се јавуваш и кога сакаш само да ги чуеш, но и кога ти се крши срцето. Пријателите ги бараш и кога скокаш од среќа, затоа што знаеш дека искрено ќе ти се израдуваат.

Ако немаш брат или сестра, не е важно, со вистинските пријатели ќе го добиеш и тоа. Вистинските пријатели ќе те научат сѐ што знаат без да се трудат или без да го побараш тоа од нив, бидејќи тоа си доаѓа некако спонтано. Пријателите се тука за да ти ја плеснат вистината во лице кога се однесуваш лошо и кога се подготвуваш да донесеш лоша одлука, затоа што те знаат подобро од кого било, а го прават тоа затоа што знаат дека нивното мислење има некакво влијание.

Денес сум среќна затоа што знам дека има барем една личност за која би направила сѐ на овој свет. И таа за мене. А не ме родила и не ѝ должам ништо. Тоа е едноставно така. Тука е и кога сум убава и нашминкана, тука е и кога сум размачкана и отечена од плачење. Тука е. Тука беше и кога мислев дека не треба, но таа мислеше поинаку. И јас бев покрај неа кога тонеше и ѝ кажав дека нема да потоне затоа што ја држам за рака.

Среќна сум затоа што имам свест за тоа кој ми е пријател, а кој ми е „поблизок познаник“. Тоа спознание многу ги олеснува моментите во кои не знаеш кому да се обратиш. Но, нема има и многу поблиски познаници, убаво е да ги имаш во животот. Еве, ако ништо друго, барем да ме научат на разликата меѓу нив и пријателите.

А ти? На колку прсти ги броиш?