Знаеш, има некои работи кои никогаш не ти ги кажав...

Знаеш, има некои работи кои никогаш не ти ги кажав. Кои ги немам кажано ни на себе. Не ти кажав дека ти бев и лута. Не ти кажав дека долго ми требаше да ти простам што не ми дозволи да тргнам кон тебе за уште еднаш да се прегрнеме. Не ти кажав дека мислам дека не си фер. Дека ти беше возрасен и требаше да знаеш подобро. Дека ти требаше да нѐ фатиш за рака и да одиме подалеку од ова лудило. Не ти кажав дека се плашам од сѐ и сешто. 

Не ти кажав како научив да бидам храбра. Не ти кажам дека не се плашам од смртта, туку дека пркосно ѝ гледам во очи. Не ти кажав дека после тебе останав толку оштетена што на несреќи реагирам сосема спокојно. Не ти кажав дека морав малку да те заборавам за да се пронајдам себеси. Не ти кажав дека морав малку и да убијам дел од душата. Не ти кажав дека не се плашам од животот. Не ти кажав дека живеам како што сакам да живеам. Не ти кажав дека после тебе живеам од денес за утре. 

Ти кажав дека ќе напишам книга и лажев. Ти кажав дека ќе бидам најдобра што можам – и за тоа те излажав. Ти кажав дека секогаш ќе си бидам на прво место, но не бев. Ти кажав дека помалку ќе плачам. Не ти кажав дека заради тебе не знаев како се сака. Колку мразев разделби. Не ти кажав дека секој голем животен настан беше обоен со тага. Не беше фер што ти ставив толкав товар на грб, но бев лута. Бев тажна. Правев работи кои не требаше да ги правам, со надеж дека ќе ми ставиш некако до знаење дека не е во ред. Но, ти одамна не можеш да зборуваш. 

Знаеш ли дека заради тебе пораснав побргу отколку што сакав? Знаеш ли дека некогаш замислувам како седиме покрај обалата? Ти ми зборуваш за животот, а јас се притискам до твоето рамо. Навечер играме шах. Знаеш ли како можеше да биде? Којзнае како ќе беше... Можеби ќе ги сакав бројките повеќе од зборовите. Можеби би била многу посилна. Можеби би била нечија мајка и сопруга. Можеби ќе бев возрасна жена и ќе носев чудни комплетчиња. 

Којзнае каков ќе ми беше животот да беше ти во него.

Ти си замина и оттогаш засекогаш ми недостасува уште само една прегратка.