Знаци на Алцхајмерова болест

Доколку лицето често заборава информации кои неодамна ги научило, заборава значајни датуми и настани на кои подоцна во текот на денот не може да се присети, или пак повеќепати прашува за една иста информација, може да станува збор за почетна фаза на Алцхајмерова болест.

Како што напредува болеста, така нарушувањето на меморијата се продлабочува. Лицата кои страдаат од Алцхајмерова болест често имаат тешкотии при изведување на секојдневни активности кои претходно ги извршувале самостојно без проблеми. Во понапредна фаза од болеста, проблемите се поизразени, па личноста која е афектирана од Алцхајмер не знае како да се облече или да го подготви својот омилен оброк.

При Алцхајмерова болест често е нарушена способноста за правилно расудување и донесување на разумни одлуки. Всушност, станува збор за губење на способноста за проценка на различни фактори, кои би требало да се земат предвид пред да се донесе одредена одлука. Личност која цел живот била претпазлива со парите, може да започне да троши неразумно за предмети кои воопшто не ѝ се потребни, да им дава пари на непознати лица или да не плаќа редовно сметки.

Во одредени случаи на Алцхајмерова болест може да се јават и проблеми со видот како: неможност да се процени оддалеченоста или големината на одреден предмет, тешкотии при читање, проблеми при разликување на боите итн. Доколку е нарушена способноста за перцепција, пациентот може да не го препознава сопствениот лик во огледало.

Сепак, треба да се спомене дека нема простор за загриженост ако проблемите со видот се реззултат на катаракта или некое друго офталмолошко заболување. Луѓето кои страдаат од ова заболување може да имаат проблеми со следење или водење на разговор. Тие најчесто не го довршуваат започнатиот разговор, застануваат и немаат идеја како да продолжат понатаму или го повторуваат она што го кажале претходно. Може да се јават и проблеми со вокабуларот, како употреба на погрешни зборови или неможност да се пронајде соодветниот збор.

Луѓето кои страдаат од Алцхајмер често имаат проблем со ориентација во време и простор, па така не можат да го одредат датумот или годишното време, а во одредени случаи залутуваат, бидејќи забораваат каде се наоѓаат, како дошле на тоа место и како да се вратат дома. Поставување предмети на невообичаени места, губење на предмети, а потоа неможност за присетување каде би можеле да бидат, крадење или обвинување на други лица дека крадат, се карактеристики типични за однесувањето на лица болни од Алцхајмер.

Нормално е едно лице понекогаш да заборава каде си ги оставило очилата, но не е нормално да ги остава на места како во фрижидер или во шкаф за обувки, а исто така не е нормално ако обвинува други луѓе дека му ги крадат или намерно му ги кријат личните нешта. Како што напредува болеста, заболените од Алцхајмер се откажуваат од своите хобија, друштвените активности и работата и избегнуваат контакт со други лица. При Алцхајмерова болест, лицето може нагло да го менува расположението без да има причина за тоа, а може и да дојде до промена на карактерот. Неретко лицата се растревожени, параноични, сомничави, збунети или уплашени или лесно се вознемируваат на места каде претходно им било пријатно.