Нов закон за полагање за возачки испит

Неколку измени содржи Законот за безбедност во сообраќајот, во споредба со претходните правила, за авто школите и кандидатите за возачи. Секое возило на авто школите мора да има вклучено камера, која ќе го следи текот на оспособувањето на кандидатот за возач, како и подготвеноста и техниката на самиот возач-инструктор.

Според неофицијални информации, од авто школите велат дека е најавена уште една голема законска измена во нивната работа. Имено, станува збор за стандардизирање на цените во сите автошколи во Македонија. Па така, ако досега кандидатите за возачи плаќаа околу 15 илјади денари за својата обука, отсега ќе треба да платат дополнителни десет илјади денари.

Според најновите измени во Законот за безбедност во сообраќајот, секоја авто школа е должна за време на оспособувањето на кандидатот за возач да има вклучено камера во просторијата каде што се спроведува теоретскиот дел, како и во самото возило. За оние што ќе постапат спротивно на одредбите е предвидена парична казна од четири илјади евра, а прекршочен платен налог во износ од 300 евра ќе му се издаде на предавачот и на возачот-инструктор што постапува спротивно на одредбите на законот.

Автошколата не може да оспособува кандидати за возачи во периодот додека трае забраната, а ако се постапи спротивно на законските одредби, на истата авто школа ќе ѝ се изрече глоба во износ од 5.000 евра, а на одговорното лице во авто школата што постапува спротивно на одредбата ќе му се изрече глоба во износ од 30 отсто од одмерената глоба за авто школата, предвидува новиот закон.