“Златно славејче” на 16, 17 и 18 ноември во арената “Борис Трајковски”

Фестивалот “Златно славејче”, кој е симбол на детството и кој во овие 47 години од почетокот до сега ги донесе најубавите песни за најмладите, и годинава продолжува со традицијата.

Нови 17 рефрени ќе ја одбележат годинешната музичка приказна на славејчињата, а детските хитчиња ќе се пеат три дена по ред, односно на 16, 17 и 18 ноември во арената “Борис Трајковски” во Скопје.

“Златно славејче е празник на детската песна. Доаѓаат деца буквално од сите градови од земјава”, рече Бобан Јосифовски, извршен директор на Златно славејче и додаде дека е пресреќен што и после толку години фестивалот се уште постои.

“Како минуваат годините, така и ние созревавме. Сите се трудат од година во година да бидат подобри, додека ние се трудиме да го задржиме истиот оној сензибилитет и токму поради тоа сме толку години дел од детското секојдневие. Ние не правиме хитови, туку се трудиме целиот фестивал да биде хит”, додаде Јосифовски.

Водител и годинава ќе биде пејачот Влатко Илиевски, кој во далечната 1997 година, исто така, беше дел од “славејчињата”, а на големата сцена ќе имаме можност да ги видиме и Александар Митевски и Бени Шаќири кои заедно со “славејчињата# ќе ја испеат “Скопје, граду мој”.

Влезниците се пуштени во продажба по цена од 200 денари.