ЗИМНИЦА БЕЗ МАКА: Тегла ајвар правен на ќумбе се наплаќа 250 денари

И покрај големата понуда на индустриски подготвени домашен ајвар, лутеница, јуфки, некои семејства преферираат ептен домашно, па ако тие немаат време или едноставно желба да ги направат, има кој се разбира во оваа работа, за солидна цена.

- Живеам во зграда и уште пред петнаесетина години престанав да правам ајвар откако дознав дека жена во едно село во близина на Скопје го прави за пари. На почетокот и го носев материјалот и теглите, а сега таа набавува се. Јас само порачувам, плаќам и си ги земам полните тегли. Малку е поскап, но индустрискиот, колку и да е подобар од порано, не може да се мери со него. Кога сум тенка со пари, порачувам помалку, колку моето семејство да вкуси домашен ајвар, кој многу го сака, вели скопјанката Весна.

Освен ајвар, за продажба во домашни услови се подготвуваат и јуфки. Големата понуда на јуфки од различни произвидители во маркетите не им пречи а голем број жени да го претворат во пари своето знаење за подготовка на овој специјалитет на традиционален начин.

Скопјанка која на интернет има оглас за подготовка на домашни јуфки, вели дека има доста муштерии и дека солидно заработува, па иако е редовно вработена не ја мрзи преку викенд наместо да одмора, да прави јуфки за блиските, пријателите, но и за продажба.

- Јуфките што ги правам се поквалитетни отколку оние од продавница. Ставам повеќе јајца, а помалку млеко. Еден килограм го продавам 180 денари, а една тура има три килограми. Ги правам по желба, и кршени и сечени на машинка. Луѓето сакаат квалитетни јуфки, па имам многу муштерии, вели Наташа.

Според огласите објавени на интернет, некои од жените кои дома подготвуваат јуфки нудат две опции. Едната е со материјал на муштеријата, а за една доза тоа се три килограми брашно,20 јајца, литар млеко, сол, масло, вреќа за пакување. Во тој случај се наплатува само работната рака која чини 150 денари. Втората варијанта е со материјал на домаќинката која ги подготвува и во тој случај за дозата со 20 јајца се наплатува 500 денари.