ЖРК Вардар домаќин на „најдоброто во регионот“

Македонскиот ракометен шампион Вардар следните два дена ќе биде домаќини на последниот турнир во Регионалната ракометна – ВРХЛ лига. Како организатор на овој Ф4 турнир „црвено-црните“ се  меѓу фаворитките за освојување на трофејот. Покрај Вардар на овој турнир ќе играат уште и Будуќност, Крим и Подравка.

Денеска сите екипи ќе пристигнат во Скопје каде вечерва ќе имаат тренинг, пред утрешните натпревари. На досегашните три турнири првото место го освои Вардар, пред Будуќност, Крим и Подравка. Врз основа на тие резултати беа направени и полуфиналните двојки.

Во оваа лига, од четирите клубови учесници, три се поранешни европски прваци, Подравка, Крим и Будуќност. Две екипи, Вардар и Будуќност сега играат на Ф4 турнирот и во Лигата на шампионите. Вардар и Будуќност се единствените тимови што три сезони по ред играат меѓу најдобрите четири во Европа.

– Во името на нашиот клуб сакам да го изразам задоволството што сме домаќини на овој Ф4 турнир во ВРХЛ лигата. Имаме три европски прваци во различни периоди на постоењето на ЛШ, и две екипи се сега на Ф4 турирот во ЛШ. Тоа говори колку е силен Балканот во ракометот. Се надевам дека наредната година оваа лига ќе биде уште посилна. Нашите национални првенства се послаби, не само ние туку и кај другите. Нас овие натпревари ни користат и посебно во овој период пред настап на Ф4 во Будимпешта, изјави Гордана Нацева, претседател на ЖРК Вардар.

Тренерот на македонскиот шампион Ирина Дибирова на денешната прес-конференција рече дека овие дуели се добра можност за подготовка за претстојниот завршен турнир во Лигата на шампионите.

– Оваа регионална лига има свое високо ниво и Подравка свој квалитет. Подравка секогаш беше силен тим, и досега двапати ги победивме во ВРХЛ. Ние сепак без оглед на тие победи одиме напред и сакаме да се пласираме во финалето на Ф4 и да победиме. Важен е и трофејот од оваа ВРХЛ лига и победата, но важно е и како подготовка за Ф4 во Будимпешта, истакна Дибирова.

Распоред на натпревари:

Вторник, 25 април:

15:30 часот: Вардар – Подравка
18:00 Будуќност – Крим Меркатор.

Среда, 26 април:

15:30 Меч за 3 место
18:00 Финале.

Натпреварите ќе се играат во СЦ „Јане Сандански“, а влезот ќе биде слободен.