Обичаите за време на бременоста биле со низа забрани и верувања . Бремената жена не смеела да оди кај мртовец, освен ако не починал некој многу близок и откако ќе врзе црвен конец на раката. Не смеела да краде плодови од овошје со верување дека ќе се појави белег во форма на украдениот плод на кожата на бебето. Се породувале со  помош на бабици, а една од најпознатите школувани бабици во Скопје била бабицата Паичка. Таа породувала само во поимотните семејства бидејќи наплатувала голема сума.

Новороденчето го повивале цело, со појас, со стегање на рацете и нозете “за да му бидат прави”. На третата вечер кај бебето доаѓале  кумот и кумата која носела сутлијаш и погача, а домашните приготвувале вечера на која покрај кумовите присуствувале и најблиските роднини.

До 40 дена, бебето не се изнесувало надвор, а  леунката се заштитувала од “нави” со тоа што не излегувала надвор. Пелените се собирале пред зајдисонце за да не ги фатат лоши сили.

Детето се крштевало во црква, а по крштевката оделе дома на ручек, кога на кумот му се давал бовчалок (кошула, чорапи и шамивче). За тоа време бебето било легнато во колевка и секој гостин на ручекот го дарувал. Водата од крштевката се фрлала во реката Вардар или во друга вода “за да не се гази”.

Ако бебето имало проблеми при вадењето на запчињата, се правел еден стар обред  кога се варела пченица, се ставала во чинија  на главата на бебето и дечиња грабале од неа.