Животот во шаторските населби низ Скопје: По земјотресот во Гази Баба се раѓа здраво машко дете

Ден по катастрофалниот земјотрес, во градот се одвивала грозничава и макотрпна борба за спасување на лицата кои останаа затрупани под рушевините.

По првичниот шок градот продолжил да пулсира, а битката за совладување на последиците од катастрофалниот земјотрес продолжила со несмалена жестина. Додека низ улиците на Скопје се слушал татнежот на механизацијата, на слободните простори во градот никнуваа времени засолништа во кои се сместуваа амбуланти, органите на власта и другите организации. Истовремено на падините на Водно и Скопска Црна Гора се подигале првите шатори.

На 27 јули, било издадено следното соопштение: „За да се отстранат последиците од земјотресот кој го зафати градот Скопје и околината и да се обезбеди спасување на затрупаните граѓани, да се расчистат рушевините и да се отстрани опасноста од епидемија, се превземаат следните мерки: Се задолжуваат сите машки лица од 18 до 55 години од подрачјето на град Скопје, Тетово, Велес и Куманово, да учествуваат во расчистувањето на рушевините и спасувањето на загрозените лица. Се повикуваат и корисниците на технички средства и возила кои можат да помогнат во несреќата...“

Но, и без овој апел, солидарноста доаѓаше до израз во секој момент. Секоја рака беше пружена кон рушевините, према оние на кои им беше потребна помош. Крановите и булдожерите ги подигаа блоковите на зградите, кои за неколку секунди на 26 јули 1963 беа срамнети со земјата.

Според соопштението на Републичкиот штаб за отстранување на општа опасност, до седум часот утрото на 28 јули, од под скопските рушевини биле извлечени шестотини деведесет и едно загинато лице. Од нив биле идентификувани пет стотини. Само во општината Идадија до 19 часот вечерта, пронајдени биле стотина лица под рушевините. Од нив само дестина биле живи. Се претпоставува дека тие не се единствени, па акцијата продолжува непрекинато, дење и ноќе...

Во првите четири дена после земјотресот на идентификација се работело во кругот на Државната болница, во просториите на Патолошкиот институт и во Капелата. Применувајќи ги сите достапни за тогаш современи методи, конечната листа на идентификувани покажала дека во скопскиот земјотрес загинале илјада и седумдесет граѓани, од кои 470 мажи, 430 жени и 120 деца. Меѓу загинатите биле 16 странски државјани, како и 10 лица родени во странство, а за кои не можело да се утврди дали се наши или странски државјани.

Во меѓувреме, во градот пристигнале нови екипи и поединци кои према дневните потреби и планови веднаш се вклучувале во акција. Повредените многу побрзо биле транспортирани до болниците под шатори подигнати во околината на градот, како и до оние кои биле сместени во другите општини. Новите санитетски екипи кои пристигале од сите главни градови на тогашните југословенски републики, како и од странство, веднаш биле вклучувани во огромната спасувачка организација. Само до 30 јули, на иста хумана задача во Скопје  се наоѓале 500 хирурзи од земјата и странство. И покрај големиот број пристигнати здраствени работници, продожил да пристига и друг медицински персонал, а по нив и градежници.

Додека Скопската котлина се` уште се тресеше, во градот кој пред земјотресот броел 200.000 жители, веќе беа припремени првите планови за нормализирање на животните услови. Истовремено во градот се вратиле скоро сите активни лица, кои покрај обврските на своите работни места ги превземаат и обврските на ранетите, погинатите и евакуираните лица.

Со оглед дека станбениот фонд на град Скопје бил во голем дел оштетен, се подготвувала евакуација на населението. Најзагрозените, мајките со мали деца организирано го напуштиле градот и биле сместени во соседните општини. Штабот за одбрана од елементарни непогоди со посебна наредба побарал сите помлади жители до 15 години, да бидат евакуирани. Со листите за привремена евакуација биле опфатени 130.000 лица.

Голем број од жителите на Скопје кои мораа присилно да го напуштат градот, биле сместени во непосредна близина. Во Куманово биле евакуирани околу 20.000 лица. Во Штип и околината во првиот налет биле преселени околу 18.000 лица, во Велес околу 9.000 жители, потоа во Тетово и околината околу 10.000 лица, а во Битола и околината околу 8.000 лица. Дури и Охрид каде била во ек туристичката сезона, во првиот момент биле евакуирани 5.000 граѓани, а по 1-ви август, откако биле откажани аранжманите, во полни капацитетите биле сместени уште 3.000 жители на Скопје. Од срушената железничка станица тргнале и композиции со најмалите жители на Скопје кон летувалиштата во тогашна Југославија (Цриквеница и др.), а децата уште од првите денови биле испраќани и кон некои соседни држави.

Веќе третиот ден градот добил струја, а на две адреси стигнувале и писма. Храна се делела од полските кујни, а водата се носела со цистерни за да се избегне епидемија. После хирузите настапувале епидемиолозите. Нивните служби, веќе вториот ден од земјотресот започнале масовна вакцинација на населението протиф тифус, паратифус и други заразни заболувања. Не смеело да се дозволи избувнување на епидемија.

Во меѓувреме насекаде никнувале шаторски населби, во кои функционирале сите неопходни служби. Штабовите како раководни тела со другите организации го згрижувале загрозеното население. Во шаторските населби на Водно, Француски гробишта, Чаир, Гази Баба, Автокоманда, Тафталиџе, Парк и други места, се сместувале активните жители на Скопје, оние кои ќе му го вратат животот на градот. Шаторската населба на Гази Баба го добива и првиот најмлад жител. Под еден од шаторите се раѓа здраво машко дете, а Скопје повторно како феникс се крева од пепелта.

Сведоштва и вистински приказни за катастрофалниот земјотрес кој го погоди Скопје во  26 јули 1963 година.

Потресно сведочење на девојче за скопскиот земјотрес

Сите денешни вести прочитајте ги тука.