Животот подготвено нѐ дочекува сите, затоа не можеме да знаеме што би направиле додека не ни се случи нешто!

Секој кога би бил во туѓа кожа, би направиш нешто поинакво. Секој себе си дава право да осуди и коментира, незнаејќи ги причините, поводите и последиците кои ја навеле таа личност да напрви нешто. Такви сме сите. Наклонети кон давање совети кои никој не ги бара, озборување кое никој не сака да го чуе и воздигнување на самите себеси над сите други.

Но, животот подготвено нѐ дочекува сите. Особено ги дочекува луѓето кои тврдат дека не би направиле нешто. Тие за брзо време ќе бидат демантирани. А суштински не ја гледам смислата да верувам дека можам да ги предвидам околностите во кои ќе западнам и себе величествено да се лишувам од гревови кои сите ги имаме и ги правиме. Но, кога ги коментираме другите, сите од прв до последен сме светци.

Сѐ додека не ти се случи на тебе, не знаеш. Мислиш дека никогаш не би простила неверство, а можеби мажот те изневерува. И не знаеш и нема никогаш да дознаеш, а така жестоко го браниш ставот дека не би простила. Многу слични работи правиме сите и тоа на секојдневна основа и тоа несвесно. Се она што не го знаеме, не нѐ боли и не можеме да зборуваме за тоа. А не знаеме многу работи. Само што  во моментот на зборување за што било и кој било, мислиме дека сме експерти.

Кога некој ќе ми каже: „Да бев на твое место“, добро го размислувам местото на кое таа личност сега се наоѓа, затоа што општо е познато дека сите подобро им ги кројат капите на другите, за разлика од своите. И јас сум таква. На сите можам да им ги дадам најдобрите совети, а со сопствениот животен пример да ги демантирам тие совети. Затоа и не осудувам ништо. Не се осудувам да осудам, затоа што постојат реални шанси дека утре ќе направам нешто што денес остро сум го критикувала. А на некои луѓе, двојните стандарди им се секојдневие.

Човек е одреден од ситуацијата. Човек нема подготвени шаблони на однесување за сѐ.

Некој ќе излезе од твојот живот и ќе те остави. Што ќе правиш тогаш? Немој да кажеш дека тоа не може да ти се случи, затоа што на сите им се случува, порано или подоцна.

Некој ќе умре, некој ќе се разболе. Можеш да се носиш со тоа и како? Не знаеш. Сѐ уште не ти се случило.

Некој ќе те запроси. Некој ќе те сака. Ќе направиш свадба. Ќе имате деца. Кој ти гарантира дека тоа ќе трае? Никој.

Ќе бидеш најдобар на работа, ќе добиеш отказ. Мислиш дека тоа е невозможно? Почекај го животот.

Во еден момент во огледалото ќе ги видиш сите примери кои си ги критикувала. Ќе се видиш себе: маж кој недоволно созреал за да се справи со сопствените чувства, жена која станала се што рекла дека нема да биде. И ќе го тргнеш погледот, ќе тврдиш дека тоа не си ти. А сепак тоа си ти.

Никогаш не знаеш што би направил додека не ти се случи тоа. А поголемиот дел од работите ќе ти се случат кога најмалку ќе очекуваш. Особено во моментите кога тврдиш дека тоа тебе никогаш  и никогаш не може да ти се случи.