Животот ни поскапел повеќе отколку што ни кажуваат статистичарите, ќе откриеме ако внимателно ја читаме грамажата на производите

Чоколадото од 100 грама сега има 90 грама, а вреди како стограмско, некои масла за јадење се 100 грама полесни, макароните и шпагетите веќе немаат 500, туку 400 грама, но тоа не го забележуваат сите, зашто пакувањата останаа со иста големина.

Животот ни поскапел повеќе отколку што ни кажуваат статистичарите, ќе откриеме ако внимателно ја читаме грамажата на производите кои ги купуваме во маркетите. 

Во борба со повеќегодишната криза производителите на прехранбени и други производи за секојдневна употреба се снајдоа, па наместо да ги зголемат цените, ја намалија тежината за 20, 30, па и 50 грама. Ова е светски тренд, многу изразен во САД, во државите на Европската унија, а се повеќе се забележува и кај нас, само со едно пазарење во маркетите, во последно време и на зелените пазари. 

Македонските потрошувачи се уште се уверени дека една обична чоколада тежи 100 грама. Малкумина приметуваат дека сега стандардот е 90 грама во исто пакување, кое ја прави незабележлива разликата, се додека тој податок не се прочита на амбалажата. 

Граѓаните кои имаат навика да го читаат текстот на пакувањата, знаат да кажат дека само уште брашното остана по старо, тежи еден килограм. Така, половина килограм пакуван ориз во маркетите има иста цена како на зелените пазари, се додека не се воочи битната разлика, пакувањето нема 500, туку 400 грама. Трговците исти трикови употребуваат и со пакуваниот шеќер, кој најчесто не тежи килограм, туку 900 грама. Освен ова, во продажната мрежа низ државата се помалку има макарони и шпагети од 500 грама.

Ова се забележува и кај пастите за заби, во последно време и со некои масла за јадење, а никој не може да каже дали една векна леб навистина тежи толку колку што треба, за да ја има назначената цена.

Трендот на продажба на помала грамажа за иста цена ги зафати и продавачите на тезгите на зелените пазари. Се почесто домашната вага покажува помалку од таа на тезгата, а купувачите кои внимаваат на овие работи се чувствуваат измамени.