„Животот е прекрасен“ – премиера на МНТ и бугарскиот режисер Морфов

Македонскиот народен театар в недела премиерно ќе ја изведе претствата „Животот е прекрасен“ од Николај Ердман која ја поставува познатиот бугарски режисер Александар Морфов.

Новата премиера МНТ ја најави како претстава „што ќе ве расплаче и ќе ве насмее до солзи“, во која во фокусот е малиот и обичен човек – неговите желби, стравови и страсти.

– Претставата е многу слоевита и шокантно е што од минута во минута ве прави и многу среќни и многу тажни, каков што е и животот. Морфов, кој е еден од најголемите европски режисерски имиња, во оваа претстава ја вградува сопствената естетика. Нејзиното поставување  е остварување на голем сон и важна точка за МНТ во потрагата на креативни предизвици, рече на прес-конференција директорот на МНТ Дејан Пројковски. Додаде дека останал без здив гледајќи ја генералната проба и дека 10 април  ќе биде празник за МНТ.