Живот во населбата Јака - кал, мрак и без јавен превоз

Седум години по почнувањето на изградбата на населбата Јака во Илинден, состојбата е непроменета – очајна, а општинската власт не почувствува никаква обврска кон своите жители и не почна со реализација на речиси ниту еден проект од доменот на инфраструктурното уредување, велат жителите на оваа населба. Тие се жалат дека иако проектот бил најавуван како елитна населба, тие живеат во кал, во мрак и без јавен превоз, пренесува Макфакс. 

Сопствениците на куќи и плацови велат дека општинската власт воопшто не почнала со инсталација на водоводна мрежа, не е поставен ниту еден метар асфалт, уште многу улици не се ниту трасирани, а некои од сопствениците не може ниту да пријдат до своите куќи.

„Немаат поставено ниту една светилка за надворешно осветление – иако редовно го плаќаме, не е означена ниту една улица во населбата иако во неа во моментот живеат триесетина семејства, а повеќе од стотина други семејства не може да се вселат во своите куќи бидејќи ги немаат основните услови за живеење. Во 21 век населбата Јака, инаку од општинските власти најавувана како проект ‘Елитна населба’, е целата во кал, во потполн мрак, без јавен превоз – без можност за приоѓање евентуално потребна екипа на брзата помош, противпожарно возило, без можности за достава на пошта – генерално, со супстандардни услови за домување. Во такви услови живееме триесетина семејства, кои немавме поинаков избор, освен да се вселиме во нашите куќи, а се надевавме на брзо решавање на овие основни инфраструктурни потреби“, велат жителите.

Тие велат дека ги купиле плацовите во текот на 2012 и 2013 година за изградба на куќи за семејно домување и дека ги реализирале сите финансиски обврски кон општината Илинден. Според нивни неофицијални сознанија, од овој проект Општината Илинден инкасирала повеќе од 1.200.000 евра.

Граѓаните велат дека формирале и неофицијален одбор и дека разговарале со градоначалникот и други претставници на општинската власт, но инфраструктурните проблеми и натаму останале нерешени.

„Во последните неколку месеци од 2019 година постојано се обидуваме да се состанеме со градоначалникот на општината, но тој постојано нè избегнува. Длабоко сме разочарани, се чувствуваме излажани од страна на општинските власти, не можеме да ги сфатиме ваквиот дискриминаторски однос кон нас, нивната непрофесионалност и ароганција кон сопствените граѓани. Ваквиот однос на општинската власт кон нас развива силна разочараност, револт и недоверба не само кон институциите на локално ниво туку и на државно ниво“, велат сопствениците на куќи и плацови во Јака. Тие доставиле и претставка до народниот правобранител.