Живеј онака како што ти сакаш, а не онака како што си навикнала да живееш...

Кога би можела да те видам сега, би ти рекла многу работи. Кога би знаела дека нема пркосно да превртиш со очи, да одмавнеш со глава и да продолжиш да си тераш по свое, би ти ги кажала овие работи:

Би ти кажала повеќе да се смееш, а помалку да плачеш. 

Помалку да подразбираш, а повеќе да бараш.

Помалку да трпиш. 

Помалку да се муртиш, затоа што од сето тоа подоцна ќе се создадат брчки кои ќе те потсетуваат на сите глупости кои си избрала да ги проголташ.

Кога би можела да те видам и кога би зборувале како порано, би ти кажала да не правиш работи кои не сакаш да ги правиш. Немој да правиш работи што не се убави. 

И тогаш би ти рекла: ТРЧАЈ! Не погледнувај зад тебе. Би ти рекла да го слушаш оној мал внатрешен глас. Би ти рекла дека заслужуваш подобро и дека требаше да имаш подобро. Би ти рекла да си отидеш. 

Немој. Не поправај ништо: Ни пријателства, ни љубов, ни чевли. Не го врти другиот образ. Немој толку да простуваш. Не се повредувај себеси. Не се извинувај за твоите чувства. За тоа што си плачела. За тоа што си била слаба. Не се извинувај затоа што не можеш да направиш нешто. Не се туркај до последните граници на издржливоста. Не мораше сѐ да правиш сама. Не форсирај. Не барај оправдувања за туѓата грубост. Не барај некој кој ќе те сака за да ти даде смисла за живот. Биди своја сопствена смисла. 

Не дозволувај другите да ти ја одредуваат вредноста. Не дозволувај другите да ти ги бројат бакнежите и прегратките. Љуби кога сакаш да љубиш и сакај ги оние покрај кои се чувствуваш подобро. Дури и да е само на еден ден. Никогаш не се смалувај за да одговараш некому. 

Кога би можела да те видам и кога би знаела дека ќе ме слушаш, би ти кажала многу работи.  

Биди попаметна. Биди похрабра. Поистрајна. Не мораш во сѐ да бараш некаква смисла. Не се плаши од мракот. Не се плаши од твојата темнина, затоа што во тебе има толку многу светлина. 

Кога би можела да те видам, би ти рекла дека не смееш никогаш да заборавиш која си и што сѐ можеш да бидеш. Би ти рекла подобро да ги избираш пријателите, а некои пријатели подобро да ги чуваш. Би ти рекла да не си ставаш сѐ на срце. Не должиш никому ништо. И не си ничиј предмет. 

Би ти рекла поопуштено да живееш. Да не се трудиш да се вклопиш онаму каде што не сакаш да бидеш. Би ти рекла да не ги поттиснуваш чувствата во себе. Помалку да пушиш. Да не се менуваш за никого. Би ти рекла дека ниту најблиските не полагаат право врз тебе. Би ти рекла малку повеќе да живееш онака како што ти сакаш, а малку помалку како што си навикнала да живееш.