Жителите од Ново Лисиче бара подземни контејнери кај градинката „Бубамара“ на булеварот АСНОМ

Жители на Ново Лисиче во Скопје барат контејнерите на булеварот АСНОМ во близина на градинката „Бубамара“ да бидат подземни.

Сега тие се над земја и ЈП„Комунлна хигиена“, како што велат, редовно ги празни, но просторот околу нив е претворен во депонија што комуналците ја одминуваат на секое собирање на сметот.

„Половина месец се трупа секакво ѓубре околу контејнерите. Сега има и стари кревети и градежен отпад и што ли уште не. Има едно семејство кое секој ден е околу ѓубрето. Кој како ќе фрли нешто, тие го вадат од контејнерот и го пребаруваат, па кога ќе дувне ветар, најлонските кеси ни се качуваат на балконите. Во близина има градинка, а депонијата е потенцијален извор на зарази“, се пожалија лисичани, кои бараат на таа локација да се постават подземни контејнери.

Од Општина Аеродром велат дека го забележале проблемот и најавуваат решение.

„Општина Аеродром ги поставува подземните контејнери во соработка со Град Скопје. По барање на граѓаните ќе предложиме контејнерите на булеварот АСНОМ, во близина на градинката ‘Бубамара’ да се заменат со подземни за да избегнеме излевање и расфрлање на ѓубрето на оваа фреквентна локација. За расчистување на контејнерите е задолжено ЈП ‘Комунална хигиена’ на Град Скопје. Во моментот Градот прави реорганизација на претпријатието бидејќи неговите досегашни услуги се покажаа како неефикасни“, велат од Општина Аеродром.

Општинските инспектори ги мапирале деловите од Аеродром каде што се потребни интервенции од „Комунална хигиена“ и оваа локација е вклучена во извештајот.

Во соработка со Град Скопје следната среда ќе реализираме голема екоакција, која ќе ги опфати сите локации каде што е утврдено дека е потребна интервенција.  Дел од активностите во рамките на оваа екоакција е чистење диви депонии, улици, канализациски ни и атмосферски мрежи, како и замена на оштетените контејнери“, велат од Аеродром.

Со цел да обезбедат поголема ефикасност, континуирана услуга и чисти јавни површини во сите делови во Аеродром планираат и отворање комунално претпријатие во рамките на општинските служби.