Жителите на Тафталиџе со петиција ќе го бранат паркот

Жителите на населбата Тафталиџе во скопската Општина Карпош, се подготвуваат за потпишување петиција со која ќе го изразат своето незадоволство од одлуката на местото на еден од нивните омилени паркови да никне станбена зграда на 5 ката. Како што е веќе познато и се пишува по медиумите последниот период, според Деталниот урбанистички план на просторот на едно од ретките паркчиња во оваа скопска населба  предвидена е и зградба на станбена зграда, на што локалните жители жестоко се противат.

Сега, со петиција, тие ќе ја натераат општината да го смени ДУП-от. Тие ги повикуваат своите сограѓани да дојдат в недела  во 18 часот и да се потпишат.
-„Заедно сплотени уживајќи во добра музика и дружејќи се да се потпишеме за нашата иднина. Не дозволувај да фрлат бетон врз твојата иднина“, порачуваат од иницијативата распространета на социјалните мрежи.

Покрај потпишувањето, ќе се организира и музички хепенинг на кој се очекува да настапат Dj Irie Scratch и Beta House. Локалните жители во два наврати успејаа да го спречат почетокот на градежните работи, додека инвеститорот се заканува дека ќе бара интервенција од полицијата.