Жителите на Кисела Вода се плашат од зависниците од дрога – бараат долгорочно решение за овој проблем

Краткорочното решение за префрлањето на зависниците од дрога од Клинички во Центарот за зависници во Кисела Вода стана долгорочно.

Паднаа во вода ветувањата од пред неколку месеци дека овие лица ќе бидат згрижени во други здравствени установи во градот. Тогаш, во игра беа ГОБ 8-ми септември и Мајчин дом во Аеродром, но сега во овие објекти нема да има простор за делење на метадонска терапија. И додека надлежните се координираат, жителите околу Центарот продолжуваат да живеат во страв да не згазнат на фрлените шприцеви и игли. Велат дека не  помогнале ниту бројните петиции и жалби до општинските власти.

-Јас овде сум роден, што да ви кажам, нема никакво решение. Само да видите насабајле како е овде. На двапати сум имал и кражби од автомобилот, во дворот ја земаат терапијата, шприцеви насегде, реагира жител од Кисела Вода, за Сител.

Жителите од овој крај велат дека не ги пуштаат децата на улица ниту околу чешмата со вода бидејќи постојано има зависници кои во дворот го земаат метадонот. На удар се и вработени во Кисела Вода кои се задолжени за одржување на хигиената во општината. Според информации на Сител, двајца од нив изминатиот период чистејќи околу Центарот се боцнале на игли и морале да бараат лекарска помош. За срека не биле заразени со хепатит Ц. Во Центарот има околу 500 зависници на метадон и најголемата гужва според лекарите е во утринските часови.

- Неизвесно е дали и кога ќе биде решен проблемот со пренатрупаноста во Центарот за зависности во Кисела Вода. Најверојатно, новиот министер ќе треба да бара ново решение.

Од министерството велат за трајно решение на ситуацијата ќе ги разгледуваат и искуствата од другите земји.

Во континуитет, од страна на МЗ се зајакнуваат капацитетите на медицинските работници во оваа област, а за посеопфатен  третман на корисниците предвидено е да се унапреди и соработката со Министерството за труд и социјална политика за дополнително ангажирање на психолози и социјални работници.

Во меѓувреме, надлежните најавија дека во најскоро време ќе бидат поставени канти за медицински отпад во дворот на Центарот.