Жителите на Кисела Вода, Гази Баба и Аеродром ќе се поврзат со булевар

Жителите на трите скопски општини Кисела Вода, Гази Баба и Аеродром ќе се поврзат со булевар. Градежните активности за проширувањето на булевар Србија и изградбата на уште еден кружен тек во населбата Припор се во тек.

Во моментов се пробиени трасите по кои ќе се асфалтира булеварот, а работници интензивно работат на оваа делница. Поради работните активности најмногу на мака се сега жителите кои секојдневно од овој дел го користат неасфалтираниот пат за да стигнат до работа, па се вози по земја и по дупки.

Проектот предвидува комплексни градежни работи за продолжување на булеварот "Србија", со формирање на нов кружен тек. Булеварот "Србија" се проширува од кружниот тек кај Цементара до улицата "Христо Татарчев", и ќе се изгради нов кружен тек помеѓу бул. "Србија", улица "Христо Татарчев" и улица "Христо Татарчев крак 2". Булеварот "Србија" се реконструира и проширува на потег со вкупна должина од 868 метри, каде се оформуваат 4 сообраќајни летни со ширина од 3,5. Новата траса од десната страна ќе има странично зеленило со ширина од 1,5 метри и пешачко-велосипедска патека со ширина од 3 метри, додека од левата страна ќе има пешачка и велосипедска патека со променлива ширина. Новиот булевар ќе има средишно зеленило со ширина од 2 метри, појаснуваат од Град Скопје.

Новиот кружен тек ќе се формира помеѓу бул. "Србија", ул. "Христо Татарчев" и улицата "Христо Татарчев крак 2", со дијаметар од 36 метри. Истиот ќе се состои од 2 сообраќајни летни со ширина од 4,75 метри и пешачка патека. Како дел од изведбата на новиот кружен тек, ќе биде извршена реконструкција и проширување на улиците "Христо Татарчев" и "Христо Татарчев крак 2", на деловите каде што ќе влегуваат во новиот кружен тек. Така, ќе биде извршена реконструкција и проширување на улицата "Христо Татарчев" на потег во должина од 380 метри, и на ул. "Христо Татарчев крак 2" на потег во должина од 106 метри.

Во рамките на проширување на бул. "Србија" ќе се формира нова крстосница на вкрстувањето со ул. "Христо Татарчев крак 13", каде улицата ќе биде проширена и реконструирана на потег со вкупна должина од 104 метри. Со ова, целокупната должина на новиот реконструиран и проширен коловоз со целосната реализација на овој инфраструктурен проект изнесува околу 1.400 метри.

Новиот булевар и кружен тек ќе добијат ново осветлување, каде ќе се постават 87 столбови со висина од 8 метри, каде ќе се постават 102 светилки од 250 вати.

Овој проект е од исклучително големо значање бидејќи со него се комплетира булеварското поврзување на општините Кисела Вода, Аеродром и Гази Баба и значително се скратува времето на патување на граѓаните кои патуваат кон овие дестинации.