Жител на Кондово со пластичен пиштол нападнал полицајци

Осумнаесетгодишен жител на Кондово нападнал полицајци за време на полициски час. Тој му вперил пластичен пиштол на еден од полицајците и се заканувал дека ќе пука ако неговиот колега се обиде да го совлада.

Според информациите на скопското обвинителство, на 18 мај, обвинетиот 18-годишник, на влезот на селото Кондово, за време на полицискиот час, ги нападнал и им се заканувал на полициските службеници кои се наоѓале на полицискиот пункт.

„Додека еден од полицајците стоел покрај службеното возило, обвинетиот му пришол од зад грб и со левата рака му направил полуга на вратот, а со десната на слепоочницата му вперил пластичен пиштол кој наликувал на вистинско оружје. Потоа, на другиот полициски службеник му се заканил да не мрда затоа што ќе пука во неговиот колега. На ова, вториот полициски службеник излегол од службеното возило и службениот пиштол го вперил кон обвинетиот, наредувајќи му да го пушти неговиот колега“, се наведува во соопштението.

Бидејќи обвинетиот не постапил по наредбата, туку започнал да се движи наназад, полицаецот испукал еден предупредувачки куршум во воздух. Во тој момент обвинетиот го пуштил нападнатиот полицаец.

Полициските службеници успеале да му го одземат пластичниот пиштол, но при обид да го совладаат, обвинетиот продолжил да дава активен отпор, удирајќи ги со боксови, при што им нанел телесни повреди – контузии и гребаници​.

Против напаѓачот е поднесена пријава за напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста и непостапување според здравствените прописи за време на епидемија.