Парите обезбедени за изградбата на вториот дел од Жичарницата на Водно, која треба да го поврзе Институтот за белодробни заболувања во Козле со Средно Водно, ја поминаа и последната фаза и добија зелено светло од советниците на Град Скопје.

На последната седница советниците гласаа за Инвестиционатата програма на ЈСП за оваа година, која предвидува 800.000 евра да се потрошат за реализација на втората секција на Жичницата на Водно.

Од Министерството за транспорт и врски велат дека најверојатно годинава нема да започне изградбата, туку се планира да се распише нов јавен повик за изработка на проект за изградба на втората фаза од Жичницата.

– Станува збор за повеќегодишна јавна набавка. За оваа година се планирани 800.000 евра, но кога ќе се направи проектот ќе се знае и точната вредност на инвестицијата потребна за докомплетирање на Жичницата – велат од Транспорт и врски.

Жичницата која го поврзува Средно Водно со Милениумскиот крст во прва фаза беше пуштена во употреба во 2011 година и е со должина од 1.560 метри. Оттогаш секоја година во државната каса се предвидуваат средства за продолжување на трасата во должина од 1.600 метри до црквата “Свети Јован”, во населбата Капиштец, каде што требаше да биде почетната станица, а втората да биде кај Институтот за белодробни заболувања, но никако да се реализира.

Колку од планираното во втората фаза ќе може да се реализира со планираните 800.000 евра останува да се види годинава, бидејќи повеќе детали за тоа од каде ќе се обезбедат до 8 милиони евра колку што е проектираната вредност за реализација на втората фаза, не се кажуваат.

Откако пред два месеци Град Скопје ја воведе забраната за движење на возила до Средно Водно, сега паркингот кај манастирот Свети Пантелејмон и патот кај Горно Нерези е блокиран од возила.

Откако ќе се направи жичницата, овој хаос од автомобили, ќе се намали, нема место ние жителите на оваа населба нема каде да се паркираме, вели една жителка од Нерези.

Забраната за движење на автомобили важи од 9 до 16 часот, па иако се прекршува, најбезбедно е да се дојде со градските автобуси.