"Женска трка" на 9 април во Градски парк

Во организација на Сојуз на Спортови на Скопје, а под покровителство на Град Скопје како дел од промотивните трки на Виз Eр Скопски Маратон 2017, на 9 април ќе се одржи 5-тата Женска Трка

Место на одржување на трката ќе биде во Градски парк кај Школка, а сите заинтересирани граѓани може да се пријават на линкот www.zenskatrka.skopskimaraton.com.mk.

На овој настан право на учество имаат сите припаднички на женскиот пол без возрасно ограничување, а рокот за пријавување е најдоцна до 8 април.

За првите 3 во неколку старосни категории ќе бидат доделени медали и дипломи за 1,2 и 3 место. Награди ќе се делат по категории, до 12, до 14, до 18, до 30, до 40, до 50 и над 50 години.

Котизација до 6 април ќе чини 200 денари, а на 7 и 8 април ќе чини 250 денари. Пријавените стартните броеви може да ги подигнат на 7 и 8 април, а местото на подигнување ќе биде дополнително објавено.
Настанот е предвидено да започне во 10 часот со аеробик вежби за загревање, во 10.30 Старт на трка на 2 километри и во 11 часот следуваат вежби за истегнување и релаксација.

По завршувањето на трката, на платото кај Школката ќе има лотарија и прогласување на најдобрите на 2 километри.

Стартот и целта ќе бидат пред Школка и ќе се трча еден круг од 2 км во Градскиот парк.

Патеката ќе биде обележена со ленти и конуси и ќе има поставено волонтери, а на 1 километар ќе има и контролна точка за чиповите.