Жените мораат да се дружат за да бидат поздрави

Доколку во последно време не се гледате често со другарките, овој текст ќе ве подзамисли и ќе ве поттикне да им се јавите и да испиете по едно кафе, особено кога ќе ги прочитате резултатите од новото истражување кое покажува дека токму тоа дружење навистина влијае на вашето здравје.

Научниците од Оксфорд утврдиле дека жените треба да поминуваат време со другарките барем двапати неделно, затоа што така ја поправаат општата здравствена состојба.

Робин Дунар, психолог и автор на истражувањето, открил дека општата здравствена состојба на жените е многу подобра кога се дружат со пријателките барем двапати во седум дена и притоа пијат пиво на пример.

Дунар вели: „Овие работи ги поттикнуваат жените на социјализација, дружба и смеа со по некоја пијачка. Здравствените предности се: побрзо оздравување од болести, посилен имунолошки систем, намалување на анксиозноста и зголемување на великодушноста. Сите овие работи придонесуваат жените да се чувствуваат многу подобро.“

Научниците во ова истражување дошле до податокот дека само две од пет жени барем еднаш неделно излегува со другарките на вечера, а ова е уште поретко кога имаат семејство. Жените во просек посветуваат многу малку време за негување пријателски односи.

Истражувањето покажало дека жените најдобро комуницираат низ смеа, шегувајќи се и раскажувајќи ги ситуациите кои им се смешни. Меѓутоа, важно е и колкава група е во прашање, па се препорачува одеднаш да се среќаваат најмногу три другарки.

Психологот Алиса Руби Баш вели: „Жените треба да ги одржуваат пријателските врски дури и повеќе од мажите. Тоа го зголемува нивото на серотонин и окситоцин. Одржувањето на тие врски станува уште поважно со текот на стареењето. Стануваме сѐ позафатени, имаме сѐ поголеми одговорности, а пријателите ни се потребни за да не бидеме осамени.“

Жените имаат многу стресни животи и понекогаш се чувствуваат виновни кога ќе го напуштат семејството за да отидат да се видат со другарките. Но, важно е да се пронајде време за себе, затоа што така излегувате од рутината и се опуштате. Смеата е најдобар лек, а ова истражување го докажало тоа.