Жељко Јоксимовиќ закажа и четврти концерт во Скопје!

По распродадените 3 предновогодишни концерти, кои се закажани за 1, 2 и 3 декември во Скопје, организаторот „Прагма продукција“ најавува и четврти концерт закажан за 4 декември.

- Ова е неверојатно. Четврти концерт во Скопје. Ти благодарам Македонија!” - изјави Јоксимовиќ по повод веста дека тој ќе го полни Македонскиот народен театар четири дена по ред со неговиот нов проект насловен „Два света“.

Како што досега неколкупати објавивме, станува збор за голем број поп, фолк , рок, па дури и стари народни песни кои Јоксимовиќ ги преработил во сосема нов џез или свинг-аранжман. Освен самиот тој, на сцена на сите 4 концерти ќе го придружува и 40-член Биг бенд и македонски диригент.

Овој четврти концерт дефинитивно е последен. Влезниците се веќе пуштени во продажба на стандардните продажни места „Розе Веро 2“, билетарницата на МНТ, „Југотон рекордс“ и „Пола Југотон“, како и продажната мрежа на „Купикарти за сѐ“.

Стартот на сите 4 концерти е закажан за 20 часот и 30 минути.