Жданец ќе биде прва населба со ѕид за графити (фото)

За да ги задоволи потребите на граѓаните што сакаат уметнички да се изразуваат, а пред сe, како што велат одговорните, да ги заштити фасадите од уништување, Општина Карпош на својата територија ќе постави урбани ѕидови, наменети за графити. Урбаните ѕидови засега се само во фаза на идејни решенија.

Еден таков ѕид ќе биде поставен на плоштадот во населбата Жданец, кој треба да се изгради наскоро. Од Општината велат дека се размислува и за други локации. 

Посебно место за графити ќе предвиди и Општина Центар, од каде што велат дека во тек е реализација на проект со фондацијата за дебата и едукација "Идеја Југоисточна Европа" - Скопје, кои треба да определат 8-10 локации за цртање графити. 
Град Скопје, пак, вели дека при реализација на културни манифестации, како што е Скопје - креатива, им овозможува на уличните уметници да ја покажат креативноста со правење графити на привремено поставени паноа.