Зграда ќе „проголта“ уште еден парк во Карпош

Петнаесетина дрва ќе бидат исечени и уште едно маалско паркче во Карпош ќе исчезне доколку се дозволи реализација на деталниот урбанистички план, кој предвидува на ова место да изникне зграда, пренесува Слободен печат.

Станува збор за паркчето лоцирано на аголот помеѓу улица Никола Тесла и булевар Партизански одреди во Карпош 2, простор на кој според ДУП Градска четврт 3 08 е планирано да се изгради станбен објект. Деталниот урбанистички план претходниот Совет на Општина Карпош го донесе пред три години на седницата одржана на 22.02.2015 година.

Сега паркот, наместо да биде зелена површина, според податоците од Катастар што се јавно достапни, е поделен на неколку парцели кои се водат како неизградено градежно земјиште, со вкупна површина од околу илјада метри квадратни и е во приватна сопственост на една трговска фирма. Како овој простор од зелена јавна површина станал градежно земјиште и кога поминал во приватна сопственост, дали е продаден или вратен со денационализација - немаме одговор.

Факт е дека пред 7-8 години тогашната општинска власт на чело со градоначалникот Стевчо Јакимовски, ги сруши објектите кои се наоѓаа пред паркот- пошта, авто-школа и други комерцијални мали објекти, кои беа од времен карактер. Од тогаш до денес стојат остатоците од некогашните објекти, а паркчето пропаѓа.

Паркот е приватна сопственост и никој не се грижи за него

На местото кое порано беше преполно со деца, сега има неколку клупи, каде во топлите денови се дружат повозрасните жители од околните згради, а во вечерните часови младите. Тоа е сѐ. Нема никакви содржини за деца, нема лулашки, нема корпи за отпадоци. На него со месеци лежат купишта песок и чакал кои се користеа за реконструкцијата на Партизанска, а сега лежат таму заборавени. Но затоа има дебели сенки од многугодишните дрвја кои ќе исчезнат кога сопственикот на парцелите ќе реши да го изгради она што е предвидено со ДУП.

На прашањето до актуелната општинска власт дали постои начин да се спречи реализацијата на овој план, со оглед на тоа што секој зелен простор во градов е скапоцен во услови на голема загаденост каква што имаме во Скопје - нема прецизен одговор. Повторуваат дека посоченото земјиште не е во сопственост на Република Македонија, туку станува збор за имот од приватна сопственост.

Во претходниот период, градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев, повеќепати најави дека ќе работи на раззеленување на Општината и на нејзина планска урбанизација.

- Сепак, изведбата на зелени маалски скверови и паркови е можна на земјишта кои не се во приватна сопственост. Локалната самоуправа ги искористува сите механизми за поправање на штетите што се направени со деталните урбанистички планови донесени во минатото. Затоа, одговоривме на иницијативите пред Уставниот суд доставувајќи докази за начинот на кој се донесени два детални урбанистички плана: за опфатот Градска четврт З 05, помеѓу булевар Илинден, 8-ми Септември, Партизански одреди, улица Љубљанска, Блок 1, Блок 5 и Блок 8 и за опфатот Градска четврт З 04, помеѓу булевар Илинден, 8-ми Септември, реката Вардар и улица Љубљанска - велат од кабинетот на градоначалникот Богоев.