Зелените со иницијатива: Да ги сместиме Ромите од уличка во куќичка

Од Граѓанското здружение за зелено општество “ГРИНЕР” покренаа иницијатива за решавање на станбениот статус на околу дваесетина семејства од ромска националност кои живеат во импровизирани живеалишта покрај Вардар од двете страни на пешачкиот мост кој ги поврзува населбите Острово во Аеродром и Топланата – Исток во Гази Баба.

Фото: Н.Батев/Вечер

Станува збор за собирачи на пластика, картони и на старо железо кои отпадот го распослале пред нивните живеалишта покриени со најлони и корита од кои ѕиркаат лимени оџаци од кои се издига црн чад.

– Пред некој ден, шетав крај кејот во делот на Аеродром. Дими од другата страна кај Ромите, ама ги разбирам луѓето, мора и тие да се греат на овие минусни температури – напиша на Фејсбук Гордана Трајковска.

Како потенцијални загадувачи на воздухот овие скопјани беа посочени на четвртиот од серијата отворени денови за иницијативи на граѓански организации, кој се однесува на “Планот за чист воздух” за 2019 година и временската рамка за спроведување на истиот, што се одржа завчера во Владата. Претставникот од “ГРИНЕР”, Мартин Анастасовски рече дека тој лично ја посетил оваа дива населба и она што го видел во какви субстандардни услови живеат овие луѓе, го иницирало да ја анимира јавноста и институциите, за тоа како се вкрстуваат на едно место сиромаштијата и загадувањето на воздухот.

– Овие луѓе живеат во мали, трошни живеалишта полни со дупки, Крововите им протекуваат, прозорците им се искршени или покриени со најлон, фури од секаде, немаат никаква топлотна изолација на овие ниски зимски температури. Штом дојде грејната сезона и и штом се соочат со студот, луѓето се присилени да ги затоплуваат живеалиштата и горат разно разни материјали, од пластика, гума до иверка и слично и тоа се случува 24 часа на ден цел зимски период. Колку само загадување на воздухот потекнува од тоа место, а замислете колку се мултиплицира загадувањето ако се земе предвид дека можеби има околу илјада вакви семејства во Шутка, Топаана и на други локации во градот – рече Анастасовски.

Тој побара од градските и надлежните државни власти заедно со невладините организации да ги посетат овие семејства во кои живеат и многу деца и да и помогнат на оваа популација.

Тргнувајќи од фактот дека Градот Скопје има обврска да се грижи за чистотата во градот, а особено да превенира и да се справува со причинителите на загадувањето на воздухот, комуналните инспектори на Градот во текот на зимава извршија увид на јавните површини во делови од градот на кои се поставени импровизирани живеалишта.

Тие констатираа нарушување на комуналниот ред и јавната чистота, односно непочитување на одредбите од Законот за јавна чистота, и согласно со Одлуката за комунален ред во Градот Скопје, им изрекоа опомена на лицата кои беа населени во близина на НБРМ пред зградата на АСТЕРА и на лицата лоцирани под Кале. Откако жената која живееше покрај булеварот пред АСТЕРА одби да се исели, нејзиното живеалиште беше урнато, а таа беше згрижена во прифатен центар.

 

nike air max 1 sale