Во рамки на програмата на јубилејното 20-то издание на Скопје филм фестивал, вчера, се одржа работилница за анимиран филм со мултимедијалниот уметник и доцент по цртана анимација, Берин Тузлиќ од Сараево. 

Работилницата во просториите на Универзитетот ЕСРА ја посетија голем број заинтересирани главно млади и студенти, а таа се состоеше од три сегменти: видеа од Ричард Вилијамс, интерактивен edutainment и видео цртање со тајминг музика, комбинирана техника Фазонатор

Вечерва на програмата се уште неколку извонредни филмски остварувања, во централниот термин од 20 часот во киното „Фросина“, публиката ќе го види филмот „Ден на ослободувањето“, вистинската приказна во режија на норвешкиот режисер Мортен Травик за тоа како Северна Кореја за прв пат покани западна рок група да свири во земјата.

Групата одбрана за оваа чест се словенечките арт-рок ветерани „Лајбах“, формирани во Југославија, познати по тоа што сатирично флертуваат со фашистички метафори. Идејата на „Лајбах“ е да ги свират своите аранжмани на песни од американскиот мјузикл „Моите песни, моите сништа“ – еден од ретките западни филмови дозволени и сакани во земјата. Соочувајќи се со строгата идеологија и културолошките разлики, групата се мачи да ги протне своите песни низ иглените уши на цензурата пред да ги претстави пред публиката која дотогаш не чула алтернативен музика. 

Исклучително привлечна, убаво монтирана (со јасно влијание од музичките спотови) приказна за настан што стана историски само затоа што воопшто и се случи.

Во 22 часот ќе биде прикажан филмот „Кафуле“ на шпанскиот режисер Алекс Де Ла Иглесија, кој во исто време е трилер и црна комедија. Снимен во стилот на класичните Б-хорор филмови од 80-тите, филмот има многу апсурдни моменти, а Иглесија успева да создаде постојано чувство на терор, им дозволува на ликовите комплетно да претераат уште во првите секунди кога ќе бидат затворени во барот. Сè е малку прегласно, навредливо и брзо, па е невозможно да не ве вовлече приказната.

Во Кинотека на Македонија ќе бидат прикажани три филмови од Гала програмата и од селекцијата Авторски филм.