Заврши првата фаза од изградбата на Турскиот театар

На 18 јануари 2014 година беше поставен камен-темелникот на новиот објект на турскиот театар.

Со буџетски средства од Министерството за култура во висина од 4,5 милиони евра е завршена првата фаза од изградбата. Наскоро се очекува да започне втората фаза за која според договорот, задолжена e Република Турција.

Увид во градежните активности на новиот Турски театар извршија министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

Тој истакна дека Скопје со изградбата на Турскиот театар ќе добие уште еден убав објект и место за култура, а турската заедница, место каде ќе се собираат често и ќе уживаат.

Првпат во Република Македонија се гради посебен објект за Турскиот театар. Се работи за модерен објект што ќе биде културно сврталиште за турската заедница во Македонија. Простор што турската заедница го заслужува и е потребен и ние како влада со задоволство го започнавме, изјави Груевски.

Директорот на Турскиот театар Наџи Шабан нагласи дека за три години Турскиот театар слави 70 години и очекува до тогаш да влезат со претстава во новиот театар.

Новиот објект на Турскиот театар ќе има корисна површина од 10.000 метри квадратни и две сали со 340 и 120 седишта.

Со овој проект оваа национална установа за прв пат во својата повеќе децениска историја ќе добие свој објект, изграден по најсовремени технички и архитектонски стандарди и ќе претставува  остварување на сонот на бројни генерации актери, доајени на турската драма кои ќе продуцираат претстави на својот мајчин јазик.

Албанскиот и Турскиот театар привремено се преселени во Театар комедија.