Затворено писмо за оној кој го сакам...

Тогаш кога не те познавав, си замислував дека ме разбираш кога ме гледаш во очи, па се правев попаметна отколку што сум.

Нешто во смисла: „Мене не е лесно човек да ме освои“ или пак: „Јас не сакам ти да ме освојуваш“. Или: „Ние само се дружиме“. Детски наседнав на сопствената игра и си се обратив сама на себе: „Еј, па јас се заљубив.“

Во суштина, малку од она што го чувствувам може да се опише во овој глагол.

Тогаш кога не те познавав, замислував дека ќе те чекам да се вратиш од работа, целата разлетана и весела. Нешто во смисла: „Јас веќе дојдов од работа и изгледам како цело попладне да се сончав на некоја тивка плажа и од врата ти мирисам на море и љубов“. Детски наседнав на сопствената игра и си се обратив на себеси: „Те чекам целосно да ме прегрнеш целиот насмејан и уморен.“

Во суштина, малку од ова што го чувствувам може да го собере во насмевка и прегратка. Се преливаме на сите страни.

Вчера бевме обземени со моето нерасположение, но и двајцата се правевме дека тоа е нешто случајно. Ти си играше игра на телефонот, а јас се преправав дека читам книга. Надвор дуваше ветер. Еден од оние кои не можеш да ги игнорираш, па малку зборевме за тоа.

Тоа е првиот знак дека нешто не е во ред: разговор за временските (не)прилики. Всушност, за сѐ во природата може да се најде еквивалент во срцето. Ако дува ветер – вознемирен си. Ако паѓа дожд – плачеш одвнатре. Ако е претопло – љубовта се прелива од тебе како лава.

Дури откако те запознав тебе почнав да го сфаќам глобалното затоплување. Ти го топиш сето она што другите го замрзнаа во мене.

Љубовта не умее повеќе од тоа. Но, мене ми е доволно тоа што поради тебе секогаш ме грее сонце. Тоа е сѐ што имам да ти кажам за денешните времески прилики. И идните. Засекогаш.