Секторот за внатрешни работи Скопје започна со реализација на посебниот план за зголемување на безбедноста во сообраќајот на подрачјето на главниот град, преку засилени и интензивни сообраќајни контроли, со посебен фокус кон помладите категории возачи, како и возачите на моторцикли.

Началникот на Одделението за превенција при СВР Скопје, Билјана Милевска  истакна дека на подрачјето на СВР Скопје во последниот период стана се позабележителна појавата на поголем број на возачи на моторцикли, кои се движат со голема брзина и при тоа создаваат голема бучава, со што го нарушуваат јавниот ред и мир и спокојството на граѓаните, но и прописите од областа на сообраќајот.

Оваа појава на брзо возење и несовесно однесување на возачи на моторцикли, како што е наведено во соопштението, е особено присутна во вечерните часови и во деновите од викендите, а таквото поведение директно ја загрозува безбедноста на сите учесници во сообраќајот и доведува до зголемување на бројот на прекршоци по разни основи.

СВР Скопје, како што е посочено, е решен да ја елиминира појавата на таканаречени „диви трки“ на моторни возила во кои несовесните возачи ја загрозуваат личната но и безбедноста на останатите учесници во сообраќајот.

– Активностите на СВР Скопје во рамки на подготвениот план во чија што реализација покрај сообраќајната полиција се вклучени и други организациски единици при овој Сектор за внатрешни работи, практично траат два дена наназад, при што веќе се изречени мерки кон возачи на моторцикли и по основ на Законот за безбедност на патниот сообраќај и по основ на Законот за возила, се додава во соопштението.

Од МВР информираат дека заради немање заштитен шлем (кацига) изречени се десет мерки, за неносење или за непоседување возачка дозвола пет мерки, како и две мерки за непоседување возачка потврда, потоа за возење моторцикл во алкохолизирана состојба една мерка, управување несоодветна категорија четири мерки, незастанување на даден знак една мерка, како и четири мерки за нерегистриран мотроцикл и истечена важност на регистрацијата. Исто така од страна на Одделението за Безбедност на патниот сообраќај изречени се осум мерки кон возачи на моторцикли, како и 14 мерки по основ на Законите за безбедност на патниот сообраќај и за возила, од кои шест мерки се однесуваат на пречекорување на брзината на движење.

– Решени сме да ставиме ред во сообраќајот и тука нема отстапување! Полицијата секојдневно ќе биде присутна на улиците на Скопје и ќе бидат санкционирани сите оние што ја загрозуваат безбедноста на сообраќајот. За полицијата како сервис на граѓаните нивната безбедноста е на прво место, нагласи Милевска.