Засилена контрола: Долги редови автомобили на границите на Шенген зоната

Контролите на границите воведени според Уредбата на ЕУ, која важи за шенген-зоната предизвикува долги редови автомобили и други возила, а целата постапка за проверка на патниците може да биде мошне ригорозна.

За тоа сведочат и изјавите на туристичките водичи на туристичките тури од Мостар до Дубровник, дадени за „Дубровачки дневник“. 

- Туристички водич сум неколку години и на патувањата од Мостар до Дубровник, и назад, сме скенирани дури осум пати. Значи, на секој граничен премин поминавме низ апаратите за скенирање, ние како водачи и самите туристи. Тоа се луѓе во третата животна доба што дошле да се одмораат. Овие скенирања низ кои поминуваат на патувањето сигурно нема да им остане во добро сеќавање. Тоа е изживување и вистински кошмар - вели еден од туристичките водачи. 

Патниците се свесни за примената на најновите правила на ЕУ, но сметаат дека толку скенирања за едно патување се премногу.

- На вестите на телевизиите постојано слушаме како Словенците ја блокираат границата и како се одговорни за метежите на граничниот премин Брегана и другите премини на северната граница. Божем нашите цариници се многу побрзи. И јас би помислил така да не бев сведок на состојбата што владее и кај нас. Факт е дека нашите служби се виновни за метежите и редовите пред рампите на источните граници, односно кон Црна Гора и кон БиХ. Јасно ни е дека има скенирање на надворешните граници, но е трагикомично и преку Неум да се скенира кога патуваме од Хрватска во Хрватска. Конкретно, гостите што се сместени во Макарска и што одат за Дубровник четири пати се скенираат. Гостите што во еден ден го посетуваат и Мостар се скенираат осум пати. Тоа се претежно странски гости што пристигнале со авион и што веќе поминале низ скенерите на аеродромот - велат водичите. 

Долгите редови на граничните премини на Хрватска се поизразени во текот на викендите и верските и државните празници. Хрватските медиуми пишуваа за проблемите со долгочасовното чекање за влез во Словенија за велигденските празници. За тоа имаше и лична реакција од хрватската претседателка Колинда Грабар Китаровиќ, до нејзиниот колега од Словенија, а писмото било испратено и на адреса на највисоките претставници на ЕУ.