Зарем не би било поубаво кога сите би биле подобра верзија од она што сме?

Во многу спиритуални текстови човек може да налета на реченицата: „Како на небото, така и на земјата“, што би значело како што се чувствуваме во себе и како живееме внатре во себе, така да живееме и надвор од себе. Во тоа е целиот штос. Тоа за мене би бил најдобриот крај на книгата „Како да станеш најдобра верзија на себеси?“. Како внатре, така и надвор. 

Набљудувај! Набљудувај се себеси! Проучувај се, преиспитувај се низ различни ситуации со други луѓе. Запрашај се што е она што создава немир во тебе. Бродови, куќи и автомобили нема да те направат среќен. Можеби ќе бидеш привремено среќен, барем во оној момент кога ќе сфатиш дека имаш нешто ново, но тоа време релативно брзо ќе помине и среќата ќе спласне. Во тој момент ќе останеш сам со себе, несреќен. Можеби тогаш ќе се обидеш да ја гасиш тагата со други работи, затоа што тешко ќе се носиш со реалноста во која мораш да бидеш сам со себе. 

Затоа обиди се да заборавиш сѐ што имаш, остави го тоа на страна и погледни во себе и види што носиш во себеси. Пронајди ги внатрешното богатство и најди ја својата сопствена уникатност. Работи на себе, развивај се. И кога некој ќе ти постави прашање од типот: „Каде се гледаш себеси за 5 години?“, одговори: „Сакам да бидам најдобрата верзија на она што сум“. Зарем тоа не би било прекрасно? Замислете се себеси, најдобри што можете да бидете. Тоа е вашиот конечен одговор. 

Вие секој ден се трудите да бидете подобра личност, сте се посветиле на сопствениот развој и да живеете во сегашниот момент и да бидете присутни онаму каде што се. Трудете се да бидете во хармонија со себеси. Сигурна сум дека секој кој ќе се одважи да успее на ова прекрасно патување, ќе биде свесен дека се потребни дисциплина и труд. Многу одговорности за своите постапки. 

Одважете се, посакајте да бидете најдобри што можете, да бидете посреќна личност. Подарете си ветер во грб и тогаш и остатокот од светот ќе ви го подари тоа.