Започнува вториот Фестивал на светлината во Скопје

Во Скопската чаршија, на кејот на Вардар и во Градскиот парк од денеска до 1 јуни ќе се одржува вториот Фестивал на светлината (Skopje Light Art District) кој вечер од 20 часот ќе биде отворен во Куршумли ан.

Организатор е ЈУ Универзална сала со поддршка на Град Скопје. Дваесет и пет уметници, уметнички здруженија и уметнички групи од земјава и од странство  од 20 до 24 часот во четирите фестивалски денови на 18 локации ќе ги изложуваат своите дела, ќе ги изведуваат своите претстави и перформанси.

– Со инсталации и настапи во многу бои и светлина, „Skopje Light Art District“ и реномираните светлосни уметници кои ќе бидат дел од него, на присутните ќе им ги претстават фантастичните и митски суштетства и чудовишта кои магично излегуваат од крошните на дрвјата или се вешто скриени во некој дел од урбаната џунгла, светлечките дрвја, музичките перформанси, 3Д-проекциите и уште многу други светлосни атракции, соопшти организаторот.

Почетната точка од патеката на фестивалот е во чаршијата, води по кејот на Вардар и завршува во Градскиот парк. Посетителите можат преку мобилна апликација и мапата на веб-страницата на фестивалот (www.skopjelightartdistrict.com) да се вклучат и самите да ги откриваат поставките. Фестивалот ќе има и посебен дел за одмор, забава и дружење на посетителите, кои ќе имаат можност да присуствуваат и на првиот 3Д-мапинг натпревар, на кој домашни и странски уметници ќе се натпреваруваат за фестивалското гран-при – наградата „Златко Славенски“.