Започнува десеттото јубилејно Културно лето Карпош: Музички концерт на Игор Џамбазов и Гуру Харе

Традиционално, како и секое лето, втората половина на месец август е резервирана за летно културно освежување. Десетото јубилејно  „Културно лето Карпош 2017" и овојпат ќе понуди разновидна културно - уметничка програма за карпошани.

Жителите на Општина Карпош, ќе можат да уживаат во концертите на наши музички ѕвезди, културно-уметнички друштва, ликовни изложби. Секоја вечер љубителите на различни музички жанрови како џез, поп, етно и народна музика, како и класика, ќе можат да присуствуваат и да уживаат во звуците и изведбата на наши пејачи и музички групи. 

Карпошовото културно лето е веќе препознатлив и своевиден бренд, кој секое лето им овозможува на карпошани од сите возрасти и сите населби на Општината, во пријатна и релаксирана атмосфера, да доживеат една поинаква културна манифестација, токму во нивното место на живеење.

Културната манифестација не ги заборава ниту најмалите жители на локалната самоуправа, бидејќи секоја година има и музичка или културно - уметничка програма токму и за нив.          

Почитувачите на добриот хумор, ќе можат да се насмеат и расположат на  „стенд ап" комедии  на познати комичари. Повеќе од две седмици, карпошани ќе уживаат во музичките перформанси, културно - уметничките изведби, ликовни презентации, како разнообразност во понудата, за да се задоволи сечиј вкус, на секој кој ќе биде дел и од оваа незаборавна летна културна манифестација.

Централна локација на која ќе се одвива Карпошовото културно лето ќе биде платото во TЦ „Лептокарија".