Ако сте една од 80 отсто жени што на критичните места на телото имаат целулит, крајно време е да ги „испеглате“ нерамнините на кожата.

За почеток обидете се еднаш неделно да подготвите овошна напивка од свежо цеден сок од четири големи грејпфрути, три лимони и портокал, која ќе ја разредите во два литри негазирана вода. Пијте ја во текот на денот. Агрумите помагаат во разградувањето на маснотиите и го поттикнуваат слабеењето. Ќе ви помогне и ако наутро, наместо филџан кафе, кој е еден од главните виновници за појава на целулитот, да испиете чаша топла вода во која ќе исцедите сок од еден лимон. 

Ослободување на течностите. Исфрлете го вишокот течности од масните клетки. На тој начин драстично се намалува задржувањето на водата во липидниот слој. Од исхраната исфрлете ја солта, пијте многу вода, а во исхраната вклучете ги природните диуретици – целер, шпаргла, брусници, миродии.

Хидрирајте ја кожата. Целулитот изгледа многу полошо на дехидрирана кожа. Здравите маснотии ја хидрираат кожата, бидејќи ја поттикнуваат течноста да се задржи во клетките на кожата, а не во масните. Јадете јаткасти плодови, семки, маслинки и сите мрсни риби, особено лосос.

Естроген. Овој хормон влијае врз создавањето на целулитот, бидејќи го поттикнува создавањето на масните клетки и задржувањето на течностите. Еден од најважните производи во борбата против целулит е семето од лен. Тоа содржи фитоестрогени, кои го нормализираат превисокото ниво на естрогени. Додајте го во муслите или во овесната каша. Исто така, мала количина фитоестроген имаат и брокулите, кељот, зелката и прокељот. 

Пилинг. Одличен сојузник во борбата против целулит, бидејќи нежно ги отстранува мртвите клетки на кожата, го подобрува ефектот на масажата и ја подобрува циркулацијата. Направете сами пилинг против целулит. Потребни ви се 50 г морска сол, 50 г базно масло (може и маслиново), 30 капки масло од геранија, мандарина, ѓумбир и лаванда. Пилингот нанесете го на влажна кожа од стапалата кон горе, благо и нежно истријте ја кожата, а потоа истуширајте се. 

Масажа. Се препорачува секојдневно масирање по туширањето со кремови и масло, кои содржат бршлен, рузмарин, жалфија, чемпрес или костен. Кремот најмалку 10 минути втријувајте го на проблематичните зони со лесни и кружни движења. За подобар ефект се препорачува обвиткување со фолија.

Без вежбање нема мазна кожа

Вежбање. Вежбата исчекор се прави така што исчекорувате со десната нога, ја свиткувате во колено и ја спуштате кон подлогата, а потоа ја кревате и ја враќате во почетната положба. Вежбата повторете ја 16 пати, и тоа прво на едната, па на другата нога. Вежбата наречена полуклекнување се прави во благ расчекорен став, стапалата се паралелни, нозете свиткани во колената и спуштајте се во полуклекнување. Се спуштате така што задната ложа е паралелна со подот. Вежбата „пиле“ се прави од расчекорен став, стапалата се на страна, ги свиткувате нозете во колената и се спуштате во длабоко полуклекнување. Вежбата се прави во три полусерии со по 20 повторувања. Уште една вежба е исклучително делотворна во елиминирањето на целулитот. Вежбата се изведува во лежечка положба, рацете се на подот покрај телото, нозете свиткани во колената, а карлицата ја кревате што повеќе. Се задржувате со карлицата крената горе две секунди и се враќате во првобитната положба. Вежбата се изработува во серии со по 20 повторувања. Петтата вежба од сетот вежби против целулит се прави на следниот начин. Почетната положба на вежбата е со подлактиците на подот, двете нозе се на подот, а потоа ногата свиткана под агол од 90 степени ја креваме од подот и ја враќаме назад. Вежбата се прави со повторување 20 пати на едната па на другата нога. 

Зелениот чај е идеален во борбата против целулитот, и за слабеење, бидејќи има диуретски својства, ја ограничува апсорпцијата на липидите и е богат со антиоксиданти. Ако не ја сакате интензивната арома на зелениот чај, изберете зелен чај со додатоци на овошни вкусови или одлучете се за белиот чај, кој нема толку нагласен вкус.