Започнаа училишните спортски лиги во општина Гази Баба

Во организација на општина Гази Баба и Сојузот за училишен спорт Гази Баба, во спортската сала “Методија Андонов – Ченто”, во населба Маџари, по 12 пат започнаа училишните спортски лиги 2017/2018.

Во рамките на училишните лиги се вклучени спортовите: мал фудбал, кошарка, одбојка, ракомет, пинг понг, атлетика, шах, тенис и крос.

На територија на општина Гази Баба ќе бидат опфатени околу 1.500 ученици во овие лиги. Целта е да се мотивираат повеќе ученици да спортуваат, да се рекреираат и да другаруваат.

Градоначалникот Борис Георгиевски го отвори настанот и се обрати пред присутните, при што им посака на сите училишта среќа и успех во натпреварувањата.

– Вклучувањето на младите во спортот и спортските активности допринесува за изградбата на здрави личности. Само физички активната младина може вистински да го развива својот интелектуален потенцијал и да гради силна волја и јак морален дух. Спортот и физичките активности се важни за здравјето на младите, што им помага во процесот на совладување на наставните содржини, во напорната работа, во секојдневните предизивици, како и во постигнувањето на успехот на повеќе полиња. Се надевам дека од вас ќе произлезат добри спортисти, наши идни репрезентативци и амбасадори на нашата држава – рече  градоначалникот Георгиевски.