Започна предновогодишната еуфорија – за некои Нова година само обичен ден, некои трошат и цела плата

Започнува предновогодишната еуфорија. Демекври, месец кога се зголемува потрошувачката, а се празнат паричниците и кредитните картички.

На помалку од три недели до Нова година, шопинг центрите низ Скопје секој ден се повеќе се полнат од потрошувачи. Се купуваат новогодишни украси и подароци.

Трговците како и секоја година, така и оваа, нудат примамливи понуди, па потрошувачите едноставно не можат да одбијат.

Иако потрошувачката треска е многу послаба од таа во Европа и во Америка, и таа ги тресе Македонците. Предновогодишните попусти, акциите и новогодишните понуди и преполните излози кажуваат дека е време за пазарење. Трговците веќе тријат раце бидејќи за празници расте потрошувачката. Анализите на некои трговци покажуваат дека просечните дневни сметки на граѓаните во предновогодишните празници се околу 5.000 денари.

Колку и да се троши или да не се троши од новогодишните украси и подароци на кои граѓаните пред Нова година еуфорично трошат пари, македонските трговци во декември ќе заработат двојно повеќе отколку во претходните месеци од годината.

Од дребулии, кои на граѓаните им се чинат евтини, трговците најмногу заработуваат затоа што профитната маржа кај нив најчесто е 100 проценти од набавната цена. Дел од трговците што се занимаваат со овој бизнис откриваат дека и покрај тоа што овие производи изгледаат како ситници затоа што се евтини, заработката од нивната продажба е кајмакот на трговијата во предновогодишните денови.

Како и да е, Нова година е на прагот. Вака или така, секој од нас ќе си ги пружи нозете повеќе од тоа што може, но магијата на пазарењето си го прави своето.

Фризерските и козметичките салони уште сега имаат закажани термини за дочек на Нова година. Секаде се бара место плус.

И од турстичките агенции велат дека има голема побарувачка за новогодишните патувања.

Угостителите веќе ги имаат објавено своите понуди, а дел од нив се резервирани.

Сепак, секој си ја знае длабочината на сопствениот џеб, па така има некои за кои Нова година е само еден обичен ден, а има и такви кои даваат и цели плати за спремање и дочекување на истата.